Македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев заврши на второто место на Охрискиот пливачки маратон, но тој резултат му беше доволен да избие на првото место во генералниот пласман на „Гран-при„ серијата на ФИНА во маратонско пливање на отворени води.
Со тоа, Поп Ацев има седум бодови предност на врвот на светската ранг листа пред 20-километарската трка што ќе се одржи идниот викенд од Цирквеница до Нови Винодолски во Хрватска. По таа трка, ќе остане само последната, шеста трка во серијата, што е закажана за првиот викенд на септември, а ќе се плива на патеката Капри-Неапол.
Победник на овогодинешниот Охридски маратон беше Французинот Рејмон Аксел, кој патеката ја исплива за пет часа, 25 минути, 55 секунди и 25 стотинки, околу осум секунди пред Поп Ацев. Третото место му припадна на Франческо Џетини од Италија, кој заостана речиси шест ипол секунди зад македонскиот пливач.
Во женска конкуренција, победничка на трката беше Италијанката Алис Франко, која ја исплива 25-километарската патека за време од пет часа, 41 минута и 15 секунди, пред Аргентинките Ерика Јенсен од Аргентина (5:42.31) и Пилар Геихо исто така од Аргентина со остварено време 5:50:30 часа.
Победниците беа наградени со ловорови венци, медали и пехари, а согласно пропозициите за нив е предвиден и награден фонд од 15 илјади долари.
Comments are closed for this post.