Енди Мареј по тешката операција која заврши успешно се надева дека ќе се врати на теренот уште во текот на летото. „Ако е можно, јас сигурно би сакал да се натпреварувам повторно“, изјави Мареј во Лондон за време на спонзорски настан.

„Сакам да продолжам да играм. Го кажав тоа во Австралија. Проблемот е што не знам дали е можно. Многу среќен сум во споредба со двата месеци пред операцијата. Немам болки во колкот веќе. Рехабилитација е бавна и оди доволно добро, само треба да почекам и да видам како ќе се одвиваат работите“, рече поранешниот бр.1 во светот.

Пред Австралија Опен, Мареј рече дека планира да се повлече од тенисот оваа година поради болките. Шкотот беше подложен на операцијата на крајот од јануари, а сега сака да игра на „Вимблдон”. Општо земено, идејата беше, ако тој одлучи да не направи операција, Мареј да стави крај на својата кариера на „светата трева”. Сега, сепак, желбата е да се врати на теренот.

Ако Шкотланѓанецот навистина може да ја продолжи кариерата, тој ќе стане првиот професионален тенисер во сингл, кој има метал во колкот.