Буенос Аирес може да биде домаќин на Летните олимписки игри во 2032 година, изјави претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах.

Во моментов, главниот град на Аргентина ги организира Младинските олимписки игри, а домаќините добија одлични оценки за организацијата.

По неверојатно успешните Младински игри никој не треба да има сомнеж дека Буенос Аирес е подготвен да организира Олимпијада. Ова може да се случи во 2032 година, прокоментира Бах.

Во оваа фаза, желба за организација на Олимпијада 2032 најавија Индонезија и заеднички Јужна и Северна Кореја.

На последниот ден на Игрите во Буенос Аирес, Томас Бах се надева дека вкупниот број на посетителите на натпреварите ќе достигне еден милион. Досега 974.000 гледачи ги следеа натпреварите, што е рекорд за една Младинска олимпијада.