На првиот натпревар од фудбалското првенство во Јужна Америкика во Сао Паоло домашниот тим и покрај слабата претстава славеше против Боливија со 3:0. Ова беше стота победа на Бразил во Копа Америка со што и официјално стартуваше годинешното фудбалско првенство на американскиот континент.

Бразил иако доминираше во текот на целиот натпревар, сепак поради големиот отпор на Боливија, првиот гол успеа да го постигне дури во 50. минута, и тоа преку пенал кој го реализираше играчот на Барселона Филипе Кутињо.

Истиот играч, само три минути подоцна беше автор на вториот гол за домаќините, но овој не од белата точка, туку со удар со глава по прецизно изведен центаршут од десната страна на играчот на Ливерпул Роберто Фирмин.

Третиот гол за Бразил за конечен резултат на натпреварот од 3:0, го постигна резервистот Евертон Соареш, кој мрежата на Боливија ја затресе по само една минута игра.

Инаку, Бразил ја предводи групата „А“, во која освен Боливија, се наоѓаат и репрезентациите на Перу и Венецуела, кои вечерва во 21 часот ќе ги одмерат силите на вториот натпревар од оваа група.