Фудбалската федерација на Македонија излезе со реакција околу синоќешниот избор на најдобрите во спортот за 2022 година на Агенцијата за млади и спорт.

„Во последните неколку години мислевме дека видовме сѐ од Агенцијата за млади и спорт, но секогаш успеваат да направат повторно да се ‘фатиме за глава’“, објави ФФМ.

АМС синоќа додели награди во вкупно 13 категории, а од фудбалерите меѓу наградените се најде единствено Горан Пандев, кој ја доби наградата Великан на македонскиот спорт заедно со Кирил Лазаров, затоа што и двајцата годинава се пензионираа. Од активните играчи и тренери, ниту еден фудбалер не се здоби со награда од АМС.

Тоа е можеби и оправдано со оглед на резултатите на репрезентацијата и разочарувачкиот настап во Лигата на нации, но АМС заборави еден момент: големата победа во Палермо во март кога Македонија го потресе фудбалскиот свет победувајќи ја и елиминирајќи ја Италија на патот кон Мундијалот во Катар. Да потсетиме, се работи за победа над АКТУЕЛЕН европски шампион (од летото 2021).

Овој успех дефинитивно беше вреден за наградата Подвиг на годината, која и онака ја поделија двајца, па немаше да штети ако бидат и тројца. АМС оваа награда им ја додели, заслужено, на Марко Пејчиновски – кој десет пати го преплива Охридското Езеро, и на Харис Беќири, натпреварувач во еверестинг – кој го изведе најтешкото искачување (велосипедизам, трчање или пешачење каде предизвикот е да се направи вкупно искачување од над 8.848 метри, односно височината на Монт Еверест, и тоа во еден единствен обид, значи совладување на таа надморска височина на одредена делница (качување и симнување повеќе пати).

Незадоволни од АМС, од ФФМ иронично одлучија сдами да си доделат награда: „Од сите доделени награди, додаваме и една што не беше доделена: Македонската фудбалска репрезентација во 2022 година ја оствари најголемата победа во својата историја. Европскиот првак, Италија падна во Палермо“.