Директорот на романската национална полиција е разрешен заради начинот на кој било постапувано по киднапирањето на 15-годишно девојче, кое било силувано и убиено во јужниот град Каракал, јавуваат медиумите.

Министерот за внатрешни работи, Николае Мога, го разрешил полицискиот началник Јоан Буда, откако на полицијата и биле потребни 19 часа за да утврди каде се наоѓа девојчето, кое на трипати се јавувало за помош на специјалниот државен телефонски број. Жртвата успеала да јави дека била тепана и силувана од маж, кој насилно ја ставил во неговиот автомобил додека од блиско село одела пеш кон Каракал.

Романските медиуми соопштуваат дека првото јавување било малку по 11 часот во четвртокот. Полицијата успеала да открие каде се наоѓа дури во 3 часот утрината наредниот ден. Притоа, цели три часа чекала да ин тервенира поради законски процедури.

Медиумите цитираат очевидци кои тврдат дека полицијата открила јагленосани остатоци на девојчето на приватен имот, заедно со алишта и делови од накит. Властите соопштија дека за убиството има приведено лице.

Романскиот претседател Клаус Јоханис изјави дека наредната недела случајот ќе биде разгледан од страна на Националниот совет за безбедност. Тој ја критикуваше полицијата за „грешки и колебливост“ во работењето и повика на „најстроги казни“ за сите инволвирани во случајот.