На Екатерина Захариева сега ѝ пречи зошто градоначалникот Петре Шилегов организирал прослава за денот на ослободувањето на Скопје
Министерката за надворешни работи на Бугарија во оправдувањето на политиката на нејзината влада да ја блокира Македонија, сега тврди и дека зеленото светло од Софија ќе било услуга за Москва!? Екатерина Захариева во интервју утринава за Бугарската национална телевизија изјави дека „ако Бугарија замижи пред фактот дека Северна Македонија продолжува да ја следи идеологијата поставена од Сталин и Тито, тоа би било од корист за Москва“. Со оваа изјава таа се обидува да ги преврти на глава сите предупредувања на безбедносните и политичките експерти (регионални и европски) дека токму блокадата на Скопје и неизвесноста во регионот е во интерес на Кремљ.
Таа соопшти дека на 17 ноември на Советот за општи работи на ЕУ, кога треба да се донесе одлука за можниот почеток на преговорите, Бугарија нема да каже – да.
„Нивната идеологија продолжува да се развива како што беше замислена од Тито и Сталин. Затворајќи ги очите, ние работиме за Москва“, рече бугарската министерка. Таа го обвини и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, дека „организирал чествување на годишнина од комунистичкиот диктатор на поранешна Југославија, Јосип Броз Тито“, веројатно мислејќи на прославата на ослободувањето на Скопје. А и дека луѓето кои се залагаат за приближување кон Бугарија биле декларирани како национални предавници.
„Не сметаме дека во моментот тие се подготвени да ги исполнат условите да започнат преговори“, рече Захариева, повторувајќи ги познатите позиции на Бугарија: Скопје не го спроведува целосно Договорот за добрсоседство потпишан во 2017 година, целата државна политика се заснова на омраза кон Бугарија и нејзините луѓе, а активноста на историската комисија била прекината еднострано.
Во денешниот разговор Захариева отиде и подалеку од досегашните тврдења, велејќи дека Македонија почнала да го негирала постоењето на Бугарија и бугарскиот јазик. „Како тргнале, ќе почнат да го одрекуваат и постоењето на бугарската нација“, рече министерката.
„Никој не го оспорува нивното право на самоопределување и да го нарекуваат нивниот јазик како што сакаат, но ние не се согласуваме дека правото на самоопределување треба да се заснова на омраза, кражба на историја и негирање на Бугарија и бугарскиот јазик“, додаде таа.
Нема начин да се каже „да“ во оваа фаза, нагласи Захариева. Таа вели дека кажуваат „не“ за преговорите, но не и за членството на Македонија во ЕУ. Таа додаде дека ниедна членка на Унијата немало да ѝ помогне на Македонија како Бугарија. „Ние не сме непријатели, ние сакаме да ѝ помогнеме, но не на штета на Бугарија“.
Comments are closed for this post.