Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, сега бара мал милион начини да го оправда бугарското вето за почетокот на преговорите на Македонија за членство во ЕУ. И притоа вината ја фрла на разни страни и структури, но никако не ја наоѓа кај себе.
За подобро да се запознаеме со бугарскиот вицепремиер и неговиот пат до политичкиот трон, можеби најилустративно би било да се пренесе неговиот портрет за „длабоката држава“, што може да се види во регистарот на соработниците на бугарската Државна безбедност и разузнавачките служби на бугарската армија.
Во Бугарија досега неговиот портрет го виделе 110.000 луѓе, а 25.000 го прочитале. Дали меѓу нив имало и колкав број биле од Македонија, не се знае, но, сепак, како што се вели-повторувањето е мајка на знаењето.
Покрај личните податоци, во портретот пишува дека Каракачанов бил регистриран соработник-агент на Државната безбедност под псевдонимот „Иван“ уште од негова 24-годишна возраст, во 1989 година. А, во карактеристиката пишува:„Поседува длабоки познавања и интерес по т.н. македонско прашање. Активно се вклучува во животот на младинската организација на Културно-просветниот клуб „Гоце Делчев„ и стои на правилни партиски позиции по националното прашање. Контактибилен е, снаодлив, со добра моќ на забележување и има позитивен однос кон органите на ДС“.
Во делот, пак, за подготовки стои:„Подготвува и на Шестата управа на ДС и предава сопствени напишани извештаи уште додека е проучуван како кандидат за агент под псевдонимот „Дончо“. Ја почитува конспиративноста и решителноста на начин за брза врска“.
Досието на Каракачанов од страна на Комисијата за досиејата за првпат е објавено на 31 мај 2006 година по барање на бугарски новинар, а официјално на 4 септември 2007 година при проверката на тогашните народни избраници во парламентот. Од јавните должности, што ги извршувал, наведено е дека бил народен пратеник во 38, 40, 43 и 44 состав на Народното собрание (2017 г.), потоа кандидат за пратеник во 41 состав на парламентарните избори во 2009 г. како претставник на партијата Ред, законитост и праведност, кандидат за претседател на претседателските избори во 2011 година…
Интересна е забелешката дека од Шестата управа е ангажиран по линија на „промакедонски национализам“ во средини на младината, а меѓу документите се наоѓаат негови извештаи за луѓе поврзани со КПК „Гоце Делчев“ или југословенски граѓани, како и за организационата поставеност и дејноста на Клубот. Во еден од последните негови извештаи, од 13 декември 1989 година, тој информирал за создавањето на Независното македонско друштво „Илинден“.
Забелешка на Комисијата е дека во досието нема податоци кога точно престанала соработката со него. Исто така, утврдено е дека и неговиот татко бил соработник на службите за безбедност со псеводним „Иванов“. Но, тоа што е поважно е дека речиси сите страници во досието биле пренумерирани, што остава простор за сомневање дека во времето до 2007 година било интервенирано во него.
По објавувањето на податоците за соработка на Каракачанов со бугарските тајни служби, тој ќе изјави:
„Тоа што го барале од мене било да го напишам моето мислење по одредени прашања за бугарско-југословенските односи и најмногу околу македонското прашање. И јас сум го напишал тоа, што сум го мислел. Меѓу другото, доста критично за тогашниот режим. Дека нашата држава нема политика по македонското прашање, дека се оставаат југословенските средства за масовно информирае и пропагандните институции да пропагираат македонска нација во Бугарија и по светот.
Чисто експертски работи, мои лични мислења по тоа прашање. И ако еден ден навистина ги отворат архивите ќе се види за што станува збор. Под секој збор, што сум го напишал, можам да се потпишам и сега. Зашто, за жал, бугарската држава не само пред 10 ноември 1989, туку и по 10 ноември немала никакво мислење за македонското прашање.
Тие работи, што сум ги пишувал, не се извештаи. За македонски граѓани воопшто не станувало збор. Се работи за процеси, за мои ставови околу македонското прашање и ништо друго. И никој не поставил прашање јас да бидам некаков соработгник, агент итн. Едноставно, од мене барале да ги напишам моите ставови и јас сум ги напишал.
За разлика од други, кои почнаа да се извинуваат, јас тоа нема да го сторам. Кому да му се извинам-на српската политика, која 90 години ги уништува Бугарите во Македонија и во Западнитге покраини, или на македонските служби за безбедност, кои и до ден денес го финансираат ОМО „Илинден“ и разни сепаратистички организации. Не само што нема да им се извинам, туку што сум можел сум да направам сум направил и жалам што не сум имал и поголеми можности“.
Ова би било сижето за политичката кариера на човекот, кој смета дека македонската „длабока држава“ е главната пречка за спроведувањето на Договорот за добрососедство, што, пак, е и основата за бугарското вето за македонскиот пат кон започнувањето на преговорите за членство во ЕУ.
Comments are closed for this post.