Министерот за надворешни работи на Бугарија, Николај Милков нагласи и дека Бугарија нема да стави ново вето на европскиот пат на земјава, бидејќи, како што рече, тоа не е неопходно затоа што Македонија „не ни почнала преговори“.

Има јасен критериум. Кога Бугарите ќе бидат вклучени во Уставот – почнуваат преговорите. Тогаш веќе можеме да размислуваме до кој степен ги исполнуваат критериумите. Во моментов тоа не е потребно. Тие имаат јасен услов, тоа е европски услов, ратификуван од нашиот Парламент и прифатен од нивниот Парламент како услов. Можеби затоа што гледаат што произлегува од тие услови, затоа сега таму се создаваат овие тензии – додаде Милков.

Во однос на најавите за забрана за влез во земјава на еден пратеник во Европскиот парламент и неколку други лица од Бугарија, Милков изјави дека доколку се случи такво нешто, тоа би претставувало настан без преседан од повеќе причини.

Не ми е познато дека досега две земји членки на ЕУ меѓусебно си прогласиле поединци за персона нон грата. Забрана за влез на европратеници во земја кандидат ми изгледа нелогична – додаде Милков.