Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска во Давос, дека од европските лидери со кои разговарал не добил директни одговори на прашањето дали на Србија ќе и се даде можност за членство во ЕУ, ако се реши косовското прашање со компромис.

-Не добив директни одговори, немаше директни одговори, бидејќи што и да прашате, секогаш го добивате истиот одговор, забележа Вучиќ.

Според него на Дипломатскиот дијалог на темата за Западен Балкан во фокусот биле три точки: новата европска методологија, потоа кога Северна Македонија и Албанија ќе добијат отворање на поглавја и трето промоција на идејата за Западен Балкан во ЕУ на самитот во Загреб во мај.

Тој додаде дека на панелот се зборувало и за европскиот пат на Србија.

-Вие велите, ” Сè е супер, но каде е тука Србија ‘… и тогаш нема одговори или се такви …”, не заврши претседателот на Србија.

Вучиќ додаде дека секогаш зборуваат за тоа дали ќе направат нешто со Северна Македонија и Албанија, но секогаш заборават дека Србија е на европски пат веќе 20 години.

– Мислам дека има нешто повеќе од самото исполнување на бирократските услови, а тоа е стратешки план за иднината на регионот. Прашањето е каде нè гледаат – како членки на ЕУ или не? Добро би било да го знаеме тоа, објасни Вучиќ, констатирајќи дека „на регионот му е потребен сигнал од ЕУ.“