Српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави дека Србија никако не треба да ја признае независноста на Косово. Вучиќ додаде дека Србија треба да работи со косовските Албанци на создавање на подобри односи и доверба.
Проблемот е што Албанците не сакаат да слушнат за ништо друго освен за независност. Пандорината кутија е отворена со признавање на границите на поранешните југословенски републики и признавањето на Косово. Србите сега треба повторно да го прифатат тоа и да молчат. По кој принцип на меѓународното право? – изјави Вучиќ на ТВ „Прва“ во разговор со драматургот Билјана Србљановиќ и новинарот Никола Томиќ на прашањето за Косово.
Вучиќ изјави дека косовските Албанци се однесуваат како екстремисти и не сакаат да исполнат ниту една меѓународна обврска.
Српскиот претседател посочи дека од тие причини, поради мирот и стабилноста, Отворен Балкан е една од најдобрите идеи што им овозможува на сите слободно да се движат, да имаат слободен пазар, субвенции за инвеститорите, вработување.
Тоа е патот според кој треба да ги надминеме разликите и лошите односи – оцени Вучиќ.
Тој истакна дека Србија гледа како да одговори на заканите дури и кога ги нема на директен начин, но секојдневно се присутни кога се во прашање Република Српска и Косово.
На Србија и е нанесена голема неправда, иако и ние не сме ангели, но нема одговор на прашањето како сите имаат право да се отцепат од Југославија, а потоа Србите немаат право да останат да живеат во тие делови.
Се соочуваме со тоа секој ден. Што да правиме, да кренеме раце, Косово да биде независно, Република Српска да не нè интересира, да ни биде баш гајле за Србите во Црна Гора…, праша Вучиќ.
Тој порача дека затоа треба да се чува мирот и да се соработува, да се почитуваат туѓите и своите жртви и да се залага за Отворен Балкан.
Comments are closed for this post.