Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека денешниот ден кога Собранието во Приштина гласаше за законите за трансформација на Косовските безбедносни сили во војска на Косово, „не е ден кој придонесува кон стабилност во регионот“, додавајќи дека Србија ќе продолжи со својот пат кон стабилност и мир. Коментирајќи го формирањето на косовската Војска, Брнабиќ рече дека ова е тежок ден за неа и дека верува оти без стабилен регион нема ни стабилна Србија или која било друга земја во регионот.
Според неа, подобро е да се зборува за соработка, наместо земјите да подигаат бариери и да размислуваат како да се спречи соработката.
Во врска со формирањето на косовската Војска се огласи и српскиот министер за одбрана Александар Вулин, кој изјави дека се „согледува состојбата во Косово“ и дека Војската на Србија е „подготвена да ја исполни која било наредба на врховниот командант, претседателот Александар Вучиќ, кој е информиран за сите детали“.
Тоа е наша задача. За тоа каква наредба ќе се донесе, одлучува врховниот командант, изјави Вулин.
Српскиот претседател Вучиќ, заедно со Вулин и началникот на Генералштабот на Војската на Србија, Милан Мојсиловиќ, од синоќа во следните 72 часа е во посета на повеќе единици во копнената безбедносна зона на границата кон Косово.
На вонредна прес-конференција за настаните во Приштина, директорот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, изјави дека косовската војска за Белград претставува „илегална окупациска формација на територијата на Србија“. Според него, т.н. војска е формирана со цел, насилна промена на границите на земјата.
Македонскиот премиер Зоран Заев денеска изјави дека „не е време за формирање косовска војска“.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, преку соопштение изрази жалење, што косовскиот Парламент донел одлука за трансформација на КБС, наспроти загриженоста на Алијансата.
Иако транзицијата на Косовските безбедносни сили, во принцип, е работа за која одлучува Косово, ние јасно дадовме до знаење дека тој потег доаѓа во погрешно време, порача тој.
Според него, НАТО го поддржува развојот на Косовските безбедносни сили во согласност со нивниот тековен мандат.
Со промена на мандатот, Северноатлантскиот совет сега ќе мора да изврши повторна проценка на степенот на соработка на НАТО со КБС, се наведува во соопштението.
Столтенберг наведува дека НАТО и натаму, преку КФОР, останува посветен на безбедноста и сигурноста на Косово и стабилноста на Западен Балкан. Шефот на Алијансата порачува дека сите страни мораат да обезбедат, денешната одлука да не доведе до натамошно зголемување на тензиите во регионот и дека сите одговорни политички актери мораат да се насочат кон напредок во реформите и дијалогот.
НАТО продолжува да го подржува дијалогот меѓу Белград и Приштина под покровителство на ЕУ како единствено одржливо политичко решение за регионот, се заклучува во соопштението.
Comments are closed for this post.