Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 2.025 нови случаи на коронавирус од 6.311 тестови, што е високи 32,1 процент позитивни случаи, објавија словенечките медиуми.
Обраќајќи им се на граѓаните, премиерот Јанез Јанша синоќа рече дека ќе следи еден месец тешка борба против коронавирусот и долга зима во која ќе биде потребна претпазливост.
Тој посочи дека верува дека Словенците ќе ги дочекаат Божиќ и Нова година во понормални околности од сегашната ситуација, доколку сите се придржуваат до пропишаните епидемиолошки мерки и владини одлуки, вклучително и полициски час во текот на ноќта и „заклучување“ на граѓаните во рамките на општините во кои живаеат.
„Драстичните мерки преземени за запирање на дел од социјалниот живот беа потребни за да се спречи колапсот на здравствениот систем“, рече Јанша, повикувајќи на солидарност и одговорност во текот на зимата за запирање на сегашниот втор бран на епидемијата.
Од почетокот на епидемијата во Словенија се потврдени повеќе од 39.000 случаи на коронавирус, но Националниот институт за јавно здравје (НИЈЗ) во својата нова проценка наведе дека во земјата веројатно досега има околу 90.000 лица кои биле или се заразени со коронавирус, односно дека секое 22 лице било или е заразено.
НИЈЗ соопшти дека се проценува дека врвот на вториот бран на епидемијата ќе биде достигнат подоцна оваа недела.
Comments are closed for this post.