Еден 41-годишен маж е уапсен во Германија во врска со убиството на бугарската новинарка, Викторија Маринова.  Тоа го потврди бугарскиот министер за внатрешни работи, Младен Маринов, кој информира дека приведениот претходно избегал од Бугарија, но е успасен по барање на бугарските власти.

Располагаме со доволно докази кои притвореното лице го доведуваат во врска со местото на злосторството и жртвата“, рече Маринов

Според изјава на бугарскиот државен обвинител, Сотир Цацаров, досегашните сознанија од истрагата не укажуваат дека причина за убиството е работата на 30-годишната новинарка:

Доказите со кои располагаме укажуваат на спонтан напад заради сексуално злоупотребување на жртвата. Сепак, ние продолжуваме да истражуваме во сите насоки – изјави Цацаров.

Обвинителот додаде дека притворениот Северин К. веќе бил во конфликт со законот и по него постоела потерница поради убиство и силување.

Телото на 30-годишната новинарка беше најдено во саботата во бугарскиот град Русе. Таа била силувана, а починала од последици на удари во главата и задушување.

Претходно вчера во Бугарија веќе беше уапсено едно лице во врска со убиството на Маринова, но по неколку часа беше пуштено на слобода.

Телевизиската новинарка била вработена во приватната локална телевизија ТВН, која на 30. септември емитувала нејзини две интервјуа со истражувачки новинари. Во емисијата модерирана од Маринова, двајцата новинари зборувале за својата истражувачка работа поврзана со проневера на пари од ЕУ-фондовите од страна на бугарски бизнисмени и политичари.