Владејачката социјалистичка партија, на премиерот Еди Рама, која ја предводи изборната коалиција „Алијанса за европска Албанија“ попладнево официјално ќе ја почне изборната кампања за локалните избори закажани за 30 јуни, јави дописничката на МИА од Тирана.
Изборниот митинг ќе се одржи во големата сала на Олимпискиот парк во Тирана во 16 часот, на кој ќе се обрати лидерот на социјалистите, Рама, а ќе бидат претставени и кандидатите за градоначалници на 61 општина.
Муѓу нив е и Македонецот Пали Колевски, кој ќе се трка за градоначалничката функција во општина Пустец. Во оваа општина негов противкандидат е Едмонд Темелко од Македонска алијанса за европска интеграција, кој ќе се обиде довербата на жителите да ја добие по четвртипат.
Поради бојкот на опозицијата на изборите дури во 35 општини на гласачкото ливче за градоначалник има само по еден кандидат и тоа од владејачката коалиција.
Во останатите 26 општини во трката за градоначалник покрај кандидатите од владејачката коалиција се и кандидати од неодамна регистрираната партија Демократско убедување (17), независни кандидати се 7, по еден кандидат имаат коалицијата „Надеж за промени“, македонската партија МАЕИ, грчката партија Мега, Комунистичката, Конзервативната и партијата Нов демократски дух.
Од друга страна, обединетата опозиција, предводена од Демократската партија на Љуљзим Баша, одбива дијалог и не се откажува од барањето за одложување на изборите, заминување на премиерот Рама и формирање преодна влада. За утре во 19 часот го закажа семиот „нацинален протест“, кој вообичаено почнува пред Владата во Тирана.
Comments are closed for this post.