Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи го поздрави потегот на српската влада да ја повлече одлуката за протерување на црногорскиот амбасадор од земјата.

Ја повикувам Црна Гора да го направи истото, напиша синоќа Вархеи на Твитер.

Тој нагласи дека добрососедските односи и регионалната соработка се основа за процесите на проширување, стабилизација и асоцијација.

Србија го прекина гостопримството на амбасадорот на Црна Гора, откако Црна Гора претходно го прогласи српскиот амбасадор во Подгорица за „персона нон грата“.

Српската премиерка Ана Брнабиќ истакна дека тоа е сторено согласно членот 9 од Виенската конвенција за дипломатски односи.

Српскиот претседател Александар Вучиќ побара од владините претставници да ја преиспитаат таквата одлука во желба Србија уште еднаш да подаде рака на соработка и пријателство, бидејќи „на регионот му е доволно од конфликти“.