Турција е сигурна дека германскиот производител на автомобили Воклсваген ќе изгради производствен погон во земјата. Ова следува по „исклучително позитивниот“ состанок помеѓу висок претставник на компанијата и претседателот Реџеп Таип Ердоган, јавува агенцијата Ројтерс повикувајќи се на три неименувани турски извори.

Британската агенција минатата седмица јави дека двете страни разговарале за турскиот даночен режим за автомобили како би се заклучила инвестицијата вредна една милјарда евра.

Волксваген, како што наведува Ројтерс, кој како опција за својата инвестиција ја разгледуваше и Бугарија, се уште не ја објавува својата конечна одлука, но неименуваните извори тврдат дека позитивно гледа на вложувањето во Турција.

Извор од Волксваген наведува дека Ердоган оваа недела се состанал со извршниот директор на компанијата Херберт Диесом.

Претходно имаше неколку ситници кои го кочеа договорот, како даночни олеснувања на автомобилите кои ќе се продаваат. На состанокот е постигнат речиси целосен договор, изјавил турскиот извор.

Ако нема промени во последен момент, инвестицијата ќе биде реализирана во Турција, додава истиот извор.