Претседателот на Косово Хашим Тачи се спротивстави на синоќешната одлука на владата на премиерот Албин Курти за ограничување на движењето на граѓаните поради епидемијата на Ковид-19, оценувајќи ја како „флагрантно кршење на Уставот“ и ги повика граѓаните истата да не ја почитуваат, јави дописникот на МИА од Приштина.
Непосредно откако беа објавени мерките на Владата за спречување на ширењето на епидемијата на коронавирусот, Тачи свика прес-конференција, на која порача дека слободата на движење може да се ограничи единствено доколку се прогласи вонредна состојба.
Владата на Курти синоќа, по 22 часот, донесе одлука, меѓу другото, за забрана на движењето на граѓани и приватни возила во период од 10 до 16 и од 20 до 6 часот, што според косовскиот претседател претставува кршење на човековите права и слободи.
– Одлуката за ограничување на слободата на движењето на граѓаните претставува застранување од човековите права и слободи кои се гарантираат со Уставот на Косово. Таквото ограничување може да се направи само со прогласување вонредна состојба, а тоа може да го прогласи единствено Собранието на Косово. (…) Граѓаните не се должни да ги почитуваат антиуставните одлуки и никој заради тоа не може да ги казни, изјави Тачи.
Тој најави дека утрово ќе се обрати на Уставниот суд на Косово, со цел одлуката на Владата на Курти да се поништи и им порача на полицијата и безбедносните сили дека доколку истата ја спроведуваат ќе извршат кривично дело.
– Ниту полицијата на Косово, ниту безбедносните органи, не треба да ја спроведуваат оваа антиуставна одлука на владата, бидејќи на тој начин и самите ќе извршат кривично кривично дело. Одлуката на Владата е без спроведлив правен ефект и е неспроведлива на целата територија на Косово. Утре ќе побарам од Уставниот суд одлагање и поништување на таа одлука, порача Тачи.
Според косовскиот претседател, премиерот Курти дејствијата не ги презема за да го заштити народот, туку симиот себеси.
– Истиот премиер кој упорно го одбиваше прогласувањето вонредна состојба, сега носи антиуставни одлуки. Овие одлуки тој ги носи не за да го заштити народот, туку за да се заштити себеси, изјави Тачи.
Comments are closed for this post.