Зелени зрна во лушпа на пространи зелени плантажи долж синото Егејско Море на островот Егина, е обележје на грчкиот остров познат по поклонички патувања и верски туризам, но и по ф’стаците и нивните преработки.

Егина е гратче со околу 13.000 жители кое дневно го посетуваат илјадници туристи, претежно како попатна станица до манастирот Свети Нектариј.

И за времето потребно да се качите на траект секој претрчува до крајбрежјето преполно со таверни, кафулиња и модерни тезги специјализирани за продажба на ф’стаци и производи од овие јаткасти плодови. Се продаваат по цена од 20 евра за еден килограм, спакувани во брендирани кесички во различна големина.

Додека одлучите дали да земете печен, непечен, солен или неутрален фстак, љубезните продавач/ки, најчесто сопственици, ги брцкаат пластичните лажички во тегличките со разни видови обработки од ф’стак (кремови и путер) и ви нудат да пробате и изберете одреден вкус.

Тука се и разните колачи со вкус на ф’стак, најчесто таканаречените здрави колачи во комбинација со печен сусам и мед, по цена од 29 до 44 евра за килограм, но и ултра популарното Дубаи чоколадо, чија главна состојка, покрај кадаифот, е кремот од фстак. А, цената, се разбира, е „дубајска“.

Да не го заборавиме и необичното слатко од ф’стак кое се продава во карактеристични мали теглички по цена од 4 евра (колку само за стрв) до 14 евра за пакување од 330 грама. Локумот, пак, кој најчесто се зема за подарок, е 5,5 евра за 200 грама, додека сочната баклава е многу поскапа.

Речиси да нема турист да помине покрај познатата ф’стак уличка на Егина, а да не се разлади со автентичната топка зелен сладолед, која чини 3,5 евра независно дали е во корнет или хартиена корпичка.

За љубителите на сладок алкохол се нуди ликер од фстаци, кој, како што велат производителите, колку е позелен толку е попримамлив, но тоа не значи и поприроден. Зелената боја се додава за повпечатлив изглед, а беж до бледо зелен е природниот ликер од ф’стак. Едно шишенце од 200 милилитри се продава за 7 евра, додека цената на шише од 700 милилитри изнесува 16 евра. И, нормално, речиси на секој чекор, може да се проба во мали пластични чашички.

Едноставно, жителите на овој град, продажбата на производите од ф’стаци, преку начинот на кои ги нудат, ја претвориле во туристичка атракција.

На туристите им се нудат и производи за домаќинство, од чаши, чинии, пешкири, се до разни магнети… во форма на ф’стак, брендот на Егина.

И за тој речиси еден час колку што се чека траектот, покрај обиколката на автентичните продавнички и тезги, на Егина може да се напиете кафе со поглед на море за само 2,20 евра, еспресо, макијато, фрапе, изборот е ваш, а цената за сите е иста.

Потеклото и придобивките од ф’стакот

Ф’стакот во Грција и на Балканот прв го донел еден благородник од Егина, кој се вратил од Сирија во доцните 1800-ти и го засадил во својот двор. Долгото лето и вулканската почва му одговарале на ф’стакот. Областа Егина се наоѓа на изгаснат вулкан.

Ф’стакот потекува од Центална Азија и Блискиот исток. Најголеми производители се Иран, САД, Кина, Турција, Сирија и Грција.

Најзастапената сорта ф’стаци во Грција е Егина (Fistacia Eginis), која во последните неколку години многу е застапена во насадите и дава многу добри резултати и во нашата земја. Сортата Егина се смета за најквалитетна благодарение на префинетиот вкус и  посебната дрвенеста арома.

Ф’стакот има големи хранливи придобивки, го намалува ризикот од срцеви заболувања, го намалува нивото на холестерол и крвен притисок. Тие се богат извор на растителни влакна и имаат најмалку калории – една шака ф’стаци има 170 калории. Во споредба со другите јаткасти плодови содржат помалку масти, а повеќе белковини.

Листовите му се крупни со темнозелена боја, а плодовите се групирани во гроздови.

Од островот на ф’стаците до манастирот Свети Нектариј

Го допиваме кафето, ги земаме кесенцата со ф’стаци и се упатуваме кон траектот кој ќе не однесе до целното поклоничко патување во манастирот Свети Нектари