Странските туристи коишто се на одмор во Задар останаа зачудени од тоа што среде Рива, најпознатото задарско шеталиште крај морето, се печеше јагне на ражен.

Како што објави порталот „Далмација Данас“, јагнето го испекле локални жители, коишто го запалиле огнот на лимена подлога, го наместиле раженот и неколку часа ја печеле својата вечера. Повод за овој несекојдневен потег, е манифестацијата „Ноќ на полната месечина“.

Сепак, во најавата за оваа манифестација никаде не се споменува дека е предвидено или дозволено печење јагне на шеталиштето крај морето.

Ноќ на полната месечина е манифестација што ги промовира традицијата, историјата, културата, обичаите и гастрономијата на задарскиот крај. Тоа е традиционален фестивал на храната, културата, тадицијата и обичаите на задарските острови и приобалниот дел што за момент не враќа и не потсетува како било некогаш. Оваа година повторно ќе се изгаси јавното осветлување, Рива ќе блеска од светлината на факелите и свеќите, штандовите ќе нудат различни традиционални јадења, бродовите ќе се претворат во пловечки штандови, по Рива ќе одекнува од традиционална музика и танц, туристите, домашни и странски, насмеани и весели ќе шетаат и ќе уживаат под големата и блескава месечина. На штандовите и во традиционалните ресторани ќе се нудат најдобрите риби и срдели, како и најразлични традиционални јадења, смокви, сирења, ракија и останати деликатеси – се наведува во описот на манифестацијата на страниците на Турситичката заедница на задарската жупанија.