Властите во Србија најверојатно ќе донесат одлука за затворање на угостителските објекти на 10 до 15 дена како мерка која би требало да овозможи да се намали бројот на заразени кој, и покрај вакцинацијата, е висок и се движи од 3 до 4 000 дневно.
Ова за РТС го најавиле од Кризниот штаб и било договорено на координативен состанок на Кризниот штаб, кој нема да се состане денеска, но одлука ќе биде донесена, велат извори од ова тело.
Здравствените власти сметаат дека нема друг начин да се спречат собирањата, особено на младите, во диви дискотеки, кои секојдневно се откриваат.
Единствен од функционерите кој не се согласува со ваквите мерки е заменик-градоначалникот на Белград Горан Весиќ кој вели дека ги почитува напорите направени од извршната власт да се најде компромис меѓу барањата на медицинскиот дел на Кризниот штаб и оние што се занимаваат со економија, но смета дека „секое заострување на мерките значи економски штета и губење на работа “.
Тој во утринската програма на ТВ Хепи рече дека викендот што измина, кога не беше отворен ниту еден угостителски објект, покажал дека се организирале многу приватни забави.
„Кој не верува во тоа, нека ги погледне социјалните мрежи. Значи, наместо луѓето да седат во ресторани да ги почитуваат сите мерки и можноста државата да ги контролира ваквите објекти, сега сите се преселија во приватни куќи во кои не можеме да влеземе. На овие места, луѓето се многу повеќе изложени на инфекцијата. Доколку Кризниот штаб одлучи, под притисок, а премиерот мора да попушти рестораните да не работат, ќе имаме уште повеќе приватни забави, рече Весиќ.
Тој предлага строго да се контролираат постојните мерки, да не се воведуваат нови ограничувања и да се спроведе кампања за вакцинација на граѓаните.
Според него, време е Кризниот штаб да донесе одлука оние што биле вакцинирани да можат да присуствуваат на спортски натпревари, а подоцна, кога тоа ќе биде дозволено, и на други манифестации.
Два викенди по ред во Србија се затворени угостителските објекти и трговски центри, а работат само маркетите, аптеките и бензинските пумпи.
Comments are closed for this post.