Словенечкиот премиер Марјан Шарец за време на посетата на нуклеарката Кршко изјави дека ќе се заложи за изградба на втор блок во таа електрана, со што Словенија во иднина би имала доволно сопствена енергија.
Во изградбата на вториот блок мораме да ги вложиме сите напори бидејќи ќе ни биде потребно се повеќе електрична енергија, посебно ако сакаме да бидеме развојно успешна држава, изјави Шарец на состанок со раководството на нуклеарката.
Нуклеарната централа Кршко има номинална сила од 696 мегавати, а изградена е од американската компанија „Вестингхаус“. Започнала да работи во 1981 година.
Кршко е во сопственост на Словенија и Хрватска и од неа Словенија обезбедува значителен дел од националниот енергетски биланс. Модернизирана е повеќе пати, а во моментов има дозвола за работа до 2043 година.
Според зборовите на словенечкиот премиер, заради настанатите промени во областа на енергијата, Словенија наскоро ќе мора да одлучи во која насока ќе се развива.
Словенија е „нуклеарна држава“ бидејќи од нуклеарка добиваме значителен дел од енергијата и нејзиниот недостаток многу брзо би го почувствувале, изјави Шарец, потсетувајќи дека од Кршко, Словенија добива третина од потребите за струја.
Comments are closed for this post.