Објавено е писмо од Јосип Броз Тито упатено до Јосиф Сталин на 5 јули 1944 година, во кое тој бара помош за што поскоро решавање на српското прашање за цврсто да ја преземе власта во цела Југославија. Во писмото Тито не ги споменал страдањата на Србите во НДХ и Јасеновац

Една година претходно, на конференцијата во Техеран, Сталин ја подели сферата на влијание во Југославија на половина со британскиот премиер Винстон Черчил. Во средината на јуни 1944 година, тоа доведе до договор меѓу Тито и Иван Шубашиќ, претседателот на југословенската кралска влада во Лондон. Сепак, Броз ја сакаше целата моќ за себе, а неговата главна задача била да го убеди Сталин да му помогне.

– Ни треба многу повеќе оружје и храна отколку што ни испратија сојузниците досега. Овие потреби растат со растот на нашата армија и уште повеќе затоа што илјадници доброволци чекаат да ги вооружиме, особено во Србија. Со оглед на политиката на Англичаните кон Србија, каде што на секој начин се обидуваат да ги зајакнат позициите на приврзаниците на кралот, односно четниците, и да ја ослабат нашата позиција, не можеме да сметаме на нивната значајна помош. Тука ќе ни треба вашата помош за да можеме што поскоро да го решиме прашањето за Србија, што за нас е многу важно бидејќи од тоа зависи конечниот успех во создавањето на демократска федеративна Југославија – наведува Тито во писмото, кое кај Сталин го однел  шефот на советската воена мисија во Југославија, генерал Николај Корнејев.