Семејството на генералот Ратко Младиќ, кој служи доживотна казна во затворот во Хаг, е загрижено за неговата здравствена состојба и бараат тој да биде одведен на лечење во Русија или Србија, изјави синот на генералот Дарко Младиќ пред руската дума.

Работиме на нови барања одма да биде пуштен на лечење во Русија или Белград, зошто условите во кој престојува не му го подобруваат здравјето, изјавил Дарко Младиќ на презентација на книга во Думата.

Тој наведе дека здравјето на генералот е стабилно, но дека семејството е загрижено, зошто најблиските на Младиќ не веруваат на хашките лекари.

Имаше три силни мозочни удари, многу мали удари, инфаркт. Минатото лето постојано му се креваше притисокот. Руски и српски лекари велат дека погрешно му е лечен притисокот. Давани му се лекови кои меѓусебно не се комбинираат, додава Дарко Младиќ.

Тој наведе дека неговото семејство долго време не добивало информации за здравјето на генералот Младиќ.

Зошто кажувам дека Русија му го спаси животот на генералот Младиќ? Затоа што проблемот со неговото здравје е присутен сите овие години. Токму Русија испрати лекари кои ја утврдија вистинската здравствена состојба. Пред тоа не добивавме никакви информации. Во август му ја снимаа главата, но не ни ја даваа снимката, туку само опис, додава Дарко.

Генералот Ратко Младиќ се наоѓа во притвор во Хаг од 2011 година, а со првостепена пресуда е осуден на доживотна казна затвор.