По лична наредба на лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис, од редовите на партијата е исфрлен координаторот Костас Стефанидис, кој јавно, на социјалните мржи, си поигра со бившата европратеничка од Сириза, Бугарката Константинка Кунева.

Скандалот изби откако Стефанидис, два дена по европските избори, напишал расистички, сексистички и вулгарен коментар на личниот ФБ профил, односно дали бившата европратеничка Кунева, која овојпат не беше избрана за новиот состав на Европскиот парламент, сега ќе може да му исчисти дома, зашто „останала без работа“.

Тој напишал:„Сега, кога Кунева од Сириза не е избрана за член на ЕП, дали некој знае дали ќе се врати на работа? Барам жена за чистење на собата и се уште не сум нашол“!

Од Сириза реагираа со изјава во која велат дека расистичката и сексистичката позиција на координаторот на Нова демократија, К. Стефанидис, кон европскиот граѓанин на Сириза, К. Кунева, на социјалните медиуми највулгарно го покажува размислувањето на раководителите на Нова демократија спрема жените работнички.

Константина Кунева со години е секретар на Панатинската асоцијација на чистачи и домашен персонал. Заради нејзините битки таа во 2008 беше нападната од две непознати лица , при што била принудена да проголта витриол, по што го изгубила видот на едното око и имала нарушувања на внатрешните органи. Од 2014 година кога со Сириза беше избрана за европратеник, Кунева се бореше за социјални и трудови права на работниците.