Албанскиот премиер Еди Рама, реагираше во однос на протестот што се одржува попладнево во Хаг, пред Специјалниот суд, во поддршка на поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК), на кои им се суди за воени злосторства.
Преку објава на социјалните мрежи, Рама дава јасна порака за поддршка на, како што ги нарекува, ослободителите.
„Слободата има име! Со срце и мисли, денес сум таму, команданте. Слобода за ослободителите!“, напиша Рама во објавата.
– Албанците од Косово и од дијаспората, протестираат барајќи правда за поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово. Протестот е свикан од албанската дијаспора и поддржан од Организацијата на воени ветерани на ОВК за она што организаторите го нарекуваат неправди што се прават во судењето на поранешните водачи на ОВК, објавија албанските медиуми.
Протестот во холандската престолнина се одржуа во парк во близина на седиштето на Специјалниот суд и покрај тоа што холандската полиција не дала дозвола за тоа.
– Граѓаните кои протестираат во близина на Хашкиот суд во одбрана на водачите на ОВК се упатија кон зградата за да постават транспаренти со пораки со кои се повикува на ослободување на поранешните борци на ОВК. Но, холандската полиција ги блокираше Албанците, спречувајќи ги да се приближат до институцијата на правдата, наведува дописникот на Топ чанел.
Во меѓувреме, полицијата распоредила и хеликоптер, зајакнувајќи ја контролата и безбедноста во градот.
Овој настан се случува ден пред почетокот на сведочењето на сведоците на одбраната во ова судење, во кое се очекува 15 сведоци да сведочат во корист на поранешниот косовски претседател Хашим Тачи.
Comments are closed for this post.