Против претседателот на Државната агенција за Бугарите во странство, Петар Харалампиев, и официјално е покренато обвинение, по избивањето на најновата афера за издавање фалсификувани документи за добивање бугарско државјанство и пасоши, јавуваат бугарските медиуми.
Тој е обвинет како раководител на организирана престапничка група за корупциски и други престапи. Тоа за bTV го потврдил неговиот адвокат Николај Кокинов.
Од неговата изјава станало јасно дека обвиненија има и уште против најмалку тројца или четворица обвинети, но меѓу нив не се наоѓа заменикот на Харалампиев, Димитар Димитров. Заменикот главен обвинител Иван Гашев претходно изјави дека со Димитров „се работи„.
Во акцијата на државното обвинителство беа задржани повеќе од 20 лица, а беа претресувани објекти во три града, заради истрага на трговија со документи за бугарско потекло, издавани на странци без никаква основа за тоа.
ВМРО се дистанцираше од Харалампиев, кого претходно го беше заштитил во скандалот со негови лични фотографии со тренерка со натпис „Вермахт„.
Поранешниот пратеник Велизар Енчев во своето гостување во една ТВ емисија изјави дека структурата со години наназад била поврзана со партијата на Красимир Каракачанов, актуелен министер за одбрана, и изрази сомневање дека врската може да била издигната на ниво на „корупциски шеми„. Во тој контекст, тој побара негова оставка или замрзнување на министерската позиција до конечното расчистување на целиот случај.
Comments are closed for this post.