Капетанот на грчката крајбрежна стража, Киријакос Пападопулос, кој стана познат по пожртвуваноста во спасување животи на илјадници мигранти за време на бегалската криза 2015-16 година, денеска почина од срцев удар.

Грчкиот портал „Грик репортер“, во написот под наслов „Почина херојот на Егејот, кој спаси илјадници луѓе, пишува дека 44-годишниот Пападопулос се придружил на грчката крајбрежна стража во 1999 година, кога имал 25 години.  Откако две години поминал на море, тој одлучил да се пензионира и да води мирен живот на островот Лезбос.

Не можел ниту да сонува дека неколку години подоцна тој ќе стане „ангел чувар за илјадници деца, жени и мажи, кои се обидуваат да избегаат од пеколот на сириската војна и да најдат спас на европските брегови, пишува порталот.

Во текстот се напоменува дека неговите предци дошле како бегалци од Азија и дека бил оженет и татко на две деца.

Порталот потсетува дека во 2016 година, Пападопулос се сретнал со поранешниот австриски канцелар Вернер Фајман и со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Тогаш беше прашан колку луѓе спасил, на што тој одговорил „повеќе од 5.000″.

 

Заради храброста што ја покажал во спасувањето мигранти, неколку пати беше одликуван, а документарниот филм „4.1 милја”, во кој тој беше главниот јунак, минатата година беше номиниран за Оскар за најдобар краток документарец.