Серија напади врз државјани на Бугарија во Загреб се причина за недоразбирањето меѓу премиерот и претседателот на Хрватска.

Причина за кавгата меѓу премиерот и претседателот на Хрватска, како што јавува телевизијата Н1 се серијата напади врз државјани на Бугарија во Загреб, за кои премиерот Андреј Пленковиќ завчера рече дека се предизвикани од изјавите на претседателот Зоран Милановиќ, кого тој го обвинува дека со своето однесување е подбуцнувач и виновник за инцидентите.

Ситуацијата се разгоре вчера откако Милановиќ му возврати на Планковиќ укажувајќи дека тој не може да биде третиран како подбуцнувач, само затоа што отворено говорел дека односот на една држава кон друга е некоректен и дека тоа е покажување сила кон послаби.

„На што мислел Пленковиќ? На какви инциденти? Храватскиот премиер шета наоколу и треска глупости како некоја баба за некакви напади, за некакво Вартоломејско претпладне за Бугарите во Хрватска. Велиш дека јас сум подбуцнувач, со што сум јас подбуцнувач. Со тоа што предупредив дека политиката на една држава, која Хрватите, да се разбереме, не ги засега кон друга држава, која нам ни е пријателска е некоректна. Знаете, јас мислам дека тоа однесување и исто како ние сега да им го одрекуваме правото на Бошњаците својот јазик да го нарекуваат бошњачки, затоа што тој постои како таков последните 20 гоидини. Или да им кажеме дека можете да го виката бошњачки ама морате да напишете дека тоа претходно бил хравстки јазик. Е, тоа никому во Хрватска не паѓа на памет. Затоа тоа не треба да им се прави ниту на други. Јас тоа што го имам кажано го чувствувам како свое послание, граѓанско, човечко, некој би рекол христијанско. И сега каква врска има тоа со инциденти и напади кон Бугари а тоа не го знам јас како претседател со своите извори, ниту кој било друг освен Пленковиќ. Во Хрватска, практично и никогаш нема Бугари. Дневно илјадници Бугари влегуваат во Македонија. Јас би очекувал таму да ги гонат со мачети. Такво нешто нема. Нема. А, што се случило во Хрватска? Тоа што го прави премиерот е многу неодговорно и Вие треба да го прашате на што тој мислел. Нема ништо во медумите, полицијата ништо не објави. Што се случило? Некому се истурила торба со леблебија? Боранија. Јас не знам“, вели претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ.

По ваквиот став на Милановиќ, Пленковиќ уште еднаш возврати дека претседателот е подбуцнувач и пак го обвини дека со неговите изјави за односите меѓу Скопје и Софија ги предизвикал инцидентите со бугарските државјани во Загреб.

„Тој подбуцнувач и измамник е одговорен за пријавата која пристигна во Министерството за надворешни и европски работи и во службата на Владата на Хрватска од страна на амбасадата на Бугарија за напад врз тројца, јас мислев дека се двајца ама проверив и станува збор за тројца бугарски државјани во Хрватска. Зошто? Затоа што тој нешто зборувал на Брод кај Крањ. Јас колку што знам, ако некој нешто направил за С Македонија во надворешно политичка смисла, тогаш тоа е ХДЗ, тогаш тоа е мојата влада, тогаш тоа сме ние. Ние за разлика од него минатата година ги деблокиравме преговорите и одлуката да се отпочнат пристапните преговори на С Македонија и Албанија со ЕУ, значи во време на хрватското претседателство а тој за тоа ништо не придонесе. Тогаш ги решивме проблемите со Франција, Холандија и со Данска. Ова со Бугарија се случи подоцна. Никогаш во нашата многу искрена, политички јасно дефинирана поддршка на С Македонија не ја антагонизиравме Бугарија. Тој се појавува еднаш и како реперкусија имаме што – некои што го чуле, напаѓаат бугарски државјани во Загреб. Тоа е подбуцнување. Ако тој се прави невешт и дека ништо не знае, како што тоа вообичаено го прави, тогаш може да си продолжи ама на тој што ја знаа таа боза, не може да му ја продаде. Хрватските гласачи постепено ќе сфаќаат за што станува збор“, рече Пленковиќ.

Милановиќ пред неколку дена, на Самитот во Брдо кај Крањ изјави дека Македонија се наоѓа во една невозможна позиција во процесот на евроинтеграциите и дека тоа што сега и го прави една соседна земја е „влегување во туѓо“, односно влегување во интимниот простор.

„Да се бара од една земја кандидат, која и во преговори за членство, во учебниците по историја својата национална генеза да ја дефинира, онака како што тоа го бара соседна држава. Тоа е влегување во интимен простор и тоа не се прави. И, на тоа, отворено ќе се спротивставам“, рече Милановиќ.