Специјалниот пратеник на ЕУ за косовско-српскиот дијалог, Мирослав Лајчак и заменикот помошник државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања Метју Палмер, треба денеска да го посетат Косово.

Од Канцеларијата на ЕУ во Приштина соопштија дека Лајчак за време на дводневната посета ќе се сретне со државните претставници, а ќе има средби и со претставници на меѓународната заедница и со шефовите на мисиите на ЕУ во Косово.

Претходно и американската амбасада во Косово ја најави посетата на Палмер и информира дека тој ќе се сретне со највисоките државни претставници, со кои ќе разговара „за билатералните односи меѓу двете држави“.

Во соопштението од канцеларијата на ЕУ се наведува дека Лајчак и Палмер ќе информираат за текот на посетата преку заедничка прес-конференција, која ќе ја одржат утре во седиштето на мисијата на ЕУ во Приштина.