Протестите во Србија влегуваат во нова фаза во која треба прецизно да се дефинира политиката на опозицијата, изјави вчера лидерот на Народна партија и претседавател на опозициониот блок Сојуз за Србија, Вук Јеремиќ, кој истакна дека приоритет на оваа партиска коалиција во наредниот период ќе биде надворешно-политичка акција.

Јеремиќ во пресрет на првата конференција на Сојузот за Србија (СзС), односно на Форумот на членките основачи и организации, кои се согласија да се вклучат во СзС, изјави дека СзС се залага за единство на опозицијата и дека вратите и понатаму се отворена за секого.

-Протестите влегуваат во нова и значително различна фаза во која ќе биде неопходно да се дефинираат политичките барања и да се повлече траекторија каде сакаме да стигнеме – а тоа се суштински демократски промени во земјата. Интензивирани се разговорите со одделни политички организации и се надевам дека во наредните денови ќе имаме јасен план, изјави Јеремиќ.

Тој ја отфрли можноста за учество на СзС на било какви избори во Србија сé додека не се создадат предуслови, кои постојат во секоја демократска земја, но во исто време изрази уверување дека ќе биде постигнат договор за заеднички настап на опозицијата на изборите, кога за нив ќе се стекнат услови.
Јеремиќ најави дека најважен приоритет од февруари натаму ќе биде надворешната политика на Сојузот за Србија, додавајќи дека влегуваат во консултативна фаза со претставници на меѓународните организации.

-Првата консултација ќе се случи во Брисел, каде што Драган Ѓилас и јас ќе оствариме средби со високи европски претставници. Многу е тешко да се замислат важни политички настани во нашиот регион без да се стават во поширок контекст, а меѓународната заедница сега има нов, важен и релевантен соговорник во Србија – а тоа е Сојузот за Србија, заклучи Јеремиќ. о