Владината хистерија околу „македонското прашање“ ги демонстрира сите најголеми недостатоци на нашите владетели. Силното незнаење е еден од овие дефекти, пишува Евгениј Дајнов е бугарски политиколог
Незнаењето, издигнато со години во култ од сегашната власт, всушност носи големи ризици за самите владетели. Освен што носат лоши одлуки, од кои страдаат сите, неуките луѓе брзо развиваат ароганција типична за функционално неписмена личност. Меѓутоа, не долго потоа, таквите неуки арогантни владетели одеднаш наидоа на реалност (што не ја знаат затоа што се неуки) и се разбиваат од неа како стаклена чаша кога се среќава со ѕид од тули.
Токму тоа ѝ се случува во моментот на министерката за надворешни работи и вицепремиер на Република Бугарија, Екатерина Захариева. Да се спореди Тито со Хитлер во интервју за водечки европски весник е моментот на нејзиното соочување со ѕидот на реалноста.
Западниот народ, кон кого Захариева го рашири своето незадоволство дека Македонците го славеле Тито, што било исто како да го славиш Хитлер – овие западни луѓе оделе во училишта што не се во Пазарџик (родното место на Захариева – н.з.). Во овие училишта, тие (како и нивните родители и нивните деца) го совладале следниот материјал за Јосип Броз Тито.
По окупацијата на Југославија од армиите на Оската во април 1941 година, Комунистичката партија предводена од Тито се покажа како единствена преживеана организација на теренот. Тито веднаш ја реорганизираше партијата во вооружена сила и ја претвори во најуспешна партизанска армија на територијата на вистинска Европа (најблизок конкурент во овој поглед е Белорусија). Успешно одбрани голема територија како „ослободена“ од Германците, со што го привлече светското внимание.
Во 1943 година, кога ја одби сериозната германска офанзива против неговите позиции, западните сојузници го признаваат како единствен водач на Југославија, ставајќи крај на поддршката за монархистичката влада во егзил во Англија. Британците посветуваат значителни материјални и човечки ресурси за поддршка и вооружување на армијата на Тито. Во јануари 1944 година, Фицрој Меклин, легендарниот основач на британските специјални сили, беше испратен кај него како советник, заедно со синот на Винстон Черчил, Рандолф Черчил, тогашен армиски мајор со искуство во војната во Северна Африка. Наскоро им се придружи и големата писателка Евелин Вог, тогашен армиски капетан, исто така искалена во тешки битки со Германците.
По завршувањето на војната, Тито го презеде раководството на Југославија, тврдејќи дека, за разлика од сите други во Источна Европа, не ѝ должи ништо на Црвената армија затоа што сам ја заврши својата работа. Сталин не се согласи и го притисна да се приклучи на источниот лагер на неговите сателитски држави. Тито, веќе победник во битката со Хитлер, му порача на Сталин да не го пика носот во неговите работи за да не заврши како германскиот фирер.
Во 1948 година дојде до официјален раскин меѓу Тито и Сталин. Во наредните децении Тито ја држи Југославија подалеку од СССР и близу до западните сили, поради што ја ужива нивната постојана поддршка. Во неговата земја, тој одржува одреден степен на слобода и отвореност кон светот, што е сосема незамисливо во земјите од „социјалистичкиот лагер“, кои се цврсто заковани зад оградата на железната завеса.
Ова е приказна за Тито со која пораснаа западњаците – и што е уште поважно, нивните водачи. Можете да го проверите во „Енциклопедија Британика“, каде што е претставена во концизна форма лесна за разбирање. Накратко, Тито е „нивен“ – човекот кој го победи Хитлер, одби да влезе во амбарот на Сталин, балансирајќи го влијанието на тоталитарниот исток во Европа и одржувајќи некаква скоро-демократија во Југославија.
Сликата на Тито е слика на антифашист и антисталинист. Бидејќи ЕУ е антифашистички и антисталинистички проект, ова го прави Тито во очите на западњаците да биде „од добрите“.
Но, одеднаш, нели, доаѓа Захариева и им порачува дека Тито е како Хитлер. И дека претензиите на Бугарија кон Република Северна Македонија се сведуваат на тоа Македонците да престанат да го слават Тито. Ова го вели заменичката на премиерот, за кого западните лидери знаат неколку многу важни работи, вклучително и дека тој бил телохранител на бугарскиот комунистички диктатор Тодор Живков, со што се гордее и денеска. И во очите на западните луѓе, Живков воопшто не е во категоријата на Тито. Напротив, Тато (прекарот на Живков – н.з.), за разлика од Тито, е познат по својата сервилност кон Москва, како и по тоа што е првиот комунистички водач кој им предлага на Русите да ја нападнат Чехословачка со тенкови летото 1968 година (што Тито остро го осудува).
Тито против Тато? Нема западен политичар кој ќе го избере Тато. Не постои такво нешто. Нивниот човек е Тито. Во оваа ситуација, да се избере Захариева наспроти Заев заради неговата наводна приврзаност кон Тито – е совршено исклучено.
Ова е моментот на судир на незнаењето на бугарските власти со тврдиот ѕид на реалноста. Отсега натаму, и во ЕУ и во НАТО, на Бугарија се гледа како на земја со скршен политички ‘рбет и нула политички авторитет. Ова е токму она што високите претставници на овие две организации ни го кажуваа во последните неколку недели. Во најдобар случај, нѐ сожалуваат што сè уште сме несмасни мрачни балкански субјекти. Во најлош случај (има такви сигнали од НАТО) на нас веќе се гледа како на извор на нестабилност, а не како остров на здравиот разум во „барутаната на Европа“.
Незнаењето убива.
Comments are closed for this post.