Зад кулисите во Брисел во оптек е идеја како да се надминат актуелните фрустрации од ставот на Макрон кој ја спушти рампата на патот кон ЕУ за земјите од Западен Балкан. Наместо полноправно членство во ЕУ според актуелниот предлог за компромис на шесте држави од Западниот Балкан би требало да им се понуди создавање на Европска економска зона (ЕЕА)

ЕУ треба да им понуди на сите шест нации на Западен Балкан можност за пристапување во единствениот пазар, како Норвешка и Исланд. Тоа значи дека треба радикално да се реформира методологијата за проценка на напредокот, се вели во предлогот на Европската иницијатива за стабилност.

ЕЕА ги опфаќа сите клучни области што се важни за потенцијалните инвеститори. Ги утврдува европските стандарди. Испраќа силен сигнал до граѓаните дека, на крајот, ќе се надминат границите и изолацијата. ЕУ треба да ги зголеми ресурсите за Западен Балкан да го направи сето ова попривлечно. Ова, според предлогот ќе и помогне на ЕУ да утврди влијанието во регион кој заедно има помалку од половина од БДП на Романија и е опкружен со членки на ЕУ

Овој однос не гарантира за пристапување во иднина, но, ниту исто така оваа понуда за вакво партнерство не би требало да го исклучува идното пристапување кон ЕУ кога таа може би ќе биде подготвена за тоа.

Ваквото оставање на отворена врата за некоја иднина ги прави поверодостојни сите идни дебати за членство. Според предлогот овој пристап не би требало да ги казнува Србија или Црна Гора кои се веќе во процес на преговори. Секој напредок што тие го постигнаа досега значи дека тие се поблиску до влегување. Предлогот исто така не ги исклучува Албанија, Македонија или Босна и Херцеговина а може да се отвори и за Косово, како неутрален статус за да се обезбеди конвергенција со соседите, вклучително и со Србија. Предлогот како што се вели во документот ја избегнува поделбата на регионот од кој стравува Макрон. Сите земји добиваат иста шанса. Напредокот се одлучува врз основа на реформите, мерено според истите стандарди.

Во почетокот на 2020 година, Европската комисија и земјите-членки треба заеднички да изготват патокази со клучните барања во клучните сектори што Норвешка или Исланд ги исполнуваат денес. Наместо „отворање поглавја“, на сите шест земји ќе им бидат понудени сеопфатни јавни патокази. Напредокот редовно ќе се оценува сериозно и објективно во сите земји, најдобро во заеднички тимови на експерти, предводени од Европската комисија, но вклучително и експерти за земјите членки. Овие две институции треба да соработуваат за детално да го проценат напредокот, и да зборуваат со еден глас, се вели во предлогот за компромис. Целиот процес треба да се претстави во јавноста како трка: Србија може да им докаже на сите дека навистина има најдобра администрација во регионот; Косово може да ја престигне Србија на едно поле; Македонија и Албанија би можеле да се натпреваруваат за исполнување на стандардите во животната средина. Тоа ќе доведе до здрав и продуктивен напредок, вели предлогот за компромис кој официјално на масата се предвидува да го понудат двете претседателства на ЕИ за 2020, хрватското и германското. Решението би требало да го зголеми влијанието на ЕУ. Со утврдување и имплементација на правилата на единствениот пазар, влијанието на надворешните актери, Кина или Русија, би подлежело на истите ограничувања во Западен Балкан како и во ЕУ. Целата формула треба да се комбинира со финансиски награди: „повеќе за повеќе“, грантови и инвестиции за земји кои добро напредуваат во административните и правните реформи во кој било сектор, објективно оценети. Билатералните донатори исто така би можеле да ги наградат перформансите на овој начин.

Ова ќе бара кредибилни реформи за владеење на правото . Земјите што ги кршат основните човекови права или им се закануваат на нивните соседи може да бидат исклучени или суспендирани – што треба да одговори на барањето за реверзибилноста кое го постави Макрон . Овој процес треба да се стави на маса на самитот во Загреб во мај 2020 на кои ќе бидат шесте земји од Западен Балкан.

Штом напредокот на Балканот во овој аранжман стане видлив, популарноста на пристапувањето може да се зголеми, предвидува Европската иницијатива за стабилност.

Уривањето на сегашната пристапна политика е закана за влијанието на ЕУ, во критичен регион, во критичен момент на глобална неизвесност. Тоа беше длабоко неправедно кон владата во Скопје но, тоа може да биде шанса за нешто поверодостојно, пофер и трансформативно, се вели во овој предлог.