Со низа манифестации денеска се одбележува 79-годишнината од депортацијата на македонските Евреи. Со оглед на чувствителноста на прашањето во однос на недоразбирањата со соседна Бугарија и нејзината улога во Вардарска Македонија во текот на Втората светска војна, пренесуваме дел од новата книга, што ја подготвува Леа Коен, истакната општествена личност и претставник на Бугарската еврејска заедница, насловена како „Прогонство, спасение и холокауст во Царството Бугарија 1940-1944 година“. Текстот во две продолженија беше објавен на порталот е-вестник.бг на 27 и 28 јануари годинава по повод Светскиот ден на холокаустот, а ние ги пренесуваме најважните делови.
Секој ден низ светот излегуваат стотици публикации посветени на холокаустот. Тој интерес се должи на околноста дека темата е болна рана од која продолжуваат да страдаат Евреи и неевреи.
Јехуда Бауер, професор по историја во Јад вашам, вели:„Холокаустот не е минато, тој е сегашност. Се уште се живи многу од преживеаните, а исто така и нивните деца и внуци за кои Холокаустот продолжува да биде лична и семејна историја“.
На прашање на новинарот на „Ле монд“ дали холокаустот се инструментализира, Бауер одговара:
-Се разбира, од политичари, од новинари, од историчари. Сите се обидуваат да го искористат и да го употребат холокаустот по некој повод, често со обратен ефект, и без добро да ја разбираат суштината на настаните.
Манипулациите со темата за холокаустот се честа практика, вклучувајќи ја и Бугарија, која претставува посложен случај, зашто во границите на бугарското царство од 40-тите години на минатиот век во исто време Евреите биле спасувани, прогонувани и уништувани. Еден од најпарадоксалните настани е што на 4 март 1943 година во сигурна смрт се испратени 4.000 Евреи, на 9 март се преземени дејства за спасување на 8.000, а наредниот ден се „собрани“ уште 7.000, кои „за возврат„ биле сите до еден убиени! Таа фрапантна противречност создава вистински хаос од мислења, што обично се движат меѓу две крајности-идеализација на вториот факт до степен на национално херојско движење, наречено „спасението“, и соодветна демонизација на првиот, испраќањето на 11.343 лица во гасните комори на Треблинка.
Првата теза, за безусловно спасение, се обидува да ја заборави депортацијата и, соодветно, смртта на близу 20% од еврејското население во царството Бугарија, додека втората понекогаш го омаловажува фактот на спасување како резултат на што се сочувани 48.000 невини човечки животи! На секоја од двете верзии е посветен по еден камион книги и истражувања во кои едни и исти факти (или подобро дел од нив) се претставени според преференциите на авторот со патос, скептицизам или со јазик на рекламирање.
Во бугарското општество, во последните речиси 20 години, перцепцијата на настаните од тоа време е можеби еден од најсложените заплети во националниот јавен дискурс (и дури надвор од него). Бараниот консензус во однос на оценката и прифаќањето, како и во изнесувањето и толкувањето на историските факти т.е. на расказите за тоа што се случило и тоа што не се случило, но е присутно во нив, пречи да се состави една структурирана историја на настаните од 1940 до 1944 година во царска Бугарија.
Во различни верзии, неретко дијаметрално спротивставени, во прогонот на Евреите хибридно се цитираат настани од бугарската историја од истиот период (политичките, воените, економските односи со Германија и Италија, партизанското движење и односите со советска Русија, специфичноста на политичките партии и воопшто на политичкиот живот во Бугарија, активностите на Дворецот и на парламентот), кои или немаат суштински однос кон т.н. „еврејско прашање“, или странично се зависни кон него. Од така добиениот амалгам продолжуваат да се фабрикуваат како невистинити теории, па дури и митови за „спасението“, а паралелно со тоа да се пренебрегнуваат факти и лица со навистина позитивна, дури и уникатна улога во контекст на настаните од 1940-1944 година, па дури и пред тоа.
Тука ќе се обидам да разгледам некои од најновите „гледни точки“ и произлезените од нив недоразбирања, како и да ги наречам причините за нивното ширење и можните мотиви за желбата во одредени кругови да бидат наметнати општествено спорни, а понекогаш и невистинити толкувања за спасувањето на Евреите.
Имало ли холокауст во Бугарија?
Уште самиот термин холокауст кај многумина предизвикува отпор и несогласување кога станува збор за судбината на Евреите во царска Бугарија во периодот 1940-1944 година. Во бугарската историографија овој термин е внимателно избегнуван уште непосредно по 1944. Причината за тоа е што веднаш по настаните од 1944 е изработена верзија, политички прагматична и донекаде разбирлива, која ги има во предвид напорите на Бугарија да го исчисти петното од четиригодичното сојузништво со нацистичка Германија. Спасувањето на 48.000 Евреи во старите предели на царството Бугарија е аргумент со кој бугарската делегација се обидува да ја придобие наклонетоста на Париската конференција од 1947 година на која треба да се одреди статусот на одделни држави, кои соработувале со нацистичка Германија.
Терминот „холокауст“ во општествено-историска употреба во Бугарија почнува едвај по 1989 година, кога заедно со обидите на ново читање на современата бугарска историја се преразгледуваат фактите и условите околу судбината и прогонот на Евреите.
Треба да се признае дека терминот холокауст внесува извесна збунетост кога станува збор за третманот на Евреите во царството Бугарија, зашто, како што веќе посочивме, „во едно исто време на територијата на царството Бугарија едни Евреи биле спасувани, други прогонувани, а трети депортирани и убиени“. Ако буквално се применува значењето на зборот „холокауст“ (уништување преку целосно горење), овој трагичен настан се однесува само и единствено на Евреите од територите заземени од Бугарија-Македонија и дел од Северна Грција. Меѓутоа, широкот сфаќање на холокаустот се прифаќа како процес во кој етапно се уништуваат прво еврејските граѓански права, потоа се одзема еврејската сопственост, се ликвидира еврејското културно и архитектурно наследство и на крајот и самите Евреи.
Ако по 1941-ва ликвидацијата физички уништила 12.000 од вкупно 60.000 Евреи во пределите на царството Бугарија, што значи 20% од вкупниот број, тогаш претходните фази на холокаустот биле почувствувани од целото еврјеско население. Наспроти тоа, општествен и политички став во бугарското општество и до ден денес молчаливо не се согласува со употребата на терминот и го прима како напад против бугарската држава. Создавањето на Музејот на холокаустот во Скопје во 2012 година во спомен на 7.000 македонски Евреи, убиени во Треблинка, се претвори во повод за остри дебати за улогата на бугарската држава во таа трагична епизода и дури за заострување на државно-политичките односи меѓу Бугарија и РСМ.
Терминолошка стратегија за спасување
За да се заштити невиноста на бугарската држава во тие дејства, извршени во 1943 година од бугарската администрација, војска и полиција, во текот на последните 20 години беа измислени терминолошки заштитни мерки. Беше создаден терминот „администрирани земји“, што ќе го замени терминот „окупација“, применуван во политиката на царството Бугарија од 1941 година натаму кон делови од бивша Југославија (денешна С.Македонија и мал дел од Србија) и делови од Северна Грција. Таа замена предизвикува чудење ако се има предвид дека, имено, терминот „окупација“ бил употребуван на највисоко политичко ниво во периодот 1941-1944 година. Така, во говорот од октомври 1942 година, цар Борис III праќа пофалби и благодарност кон „нашите окупациони војски“, во писмото Бр.1203 на Министерството за одбрана од 22 април 1941 (строго доверливо, Воено-историски архив) началникот на Генералштабот на војската на командантот на 5-тата армија му издава наредба „Шестата пешадиска дивизија да го започне своето фокусирање на окупирање на Македонија“, а и во сите други државни документи од тој период е сочуван терминот „окупација“. По завршувањето на тој процес вече се употребува терминот „новоослободени земји“.
Во тој контекст друг спорен термин е „депортацијата“. Според меѓународните правни норми, таа означува насилно преселување на одредени групи население од нивното место на живеење во друга држава, обично во места за принудна изолација. Без сомнение, токму тоа се случило во пределите на царството Бугарија кога 7.000 Евреи од Македонија и 4.000 од Северна Грција биле депортирани во Треблинка и Аушвиц.
Во истражувањето на д-р Здравка Крстева „Правни аспекти на државната антиеврејска политика во царството Бугарија (1940-1944г.)“, се докажува не само дека бугарската држава во посочениот период со сила и со воени средства ги заземала соодветните територии во Македонија и Северна Грција, туку и дека единствено бугарски претставници технички ја извршиле депортацијата на околу 12.000 Евреи, што довело до нивно уништување. И ако во случајот со македонските Евреи тие, според едни толкувања (цар Борис III), биле депортирани од „окупирана“ територија, според други (Богдан Филов) од „ослободена“ или според трети (современата политичка лексика) од „адиминистрирана“, 4.000 Евреи од Северна Грција од таму прво биле депортирани во старите предели на царството Бугарија (логори во Горна Џумаја или во Лом), откаде потоа, преку Австрија, биле препратени во логорите во окупирана Полска.
Тезата за отсуство на вина на бугарската држава во депортацијата на Евреите е научно-историски побиена во многу специјализирани публикации.
Меѓутоа, политиката на одрекување продолжува да постои, па дури во последните 20 години се претвори во грди форми од кои некои станаа и официјално познати, па затоа и ќе ги споменам.
Една од нив е тезата на Денко Марков, бивш претставник на фашистичка организација од пред војната-Сојуз на бугарските национални легии-а по 1989 г. еден од знаменосците на антикомунизмот (Марков бил осуден по 1944 г. заради профашистичка дејност и извесно време минал во логор). Во 2000 г. како претставник на СДС тој одржа говор во Народното собрание во кој изјави дека „депортацијата на непријателското население (еврејското) од Македонија и Северна Грција од страна на бугарските власти била законска и не претставува престап од аспект на меѓународното право“.
Неговата изјава предизвика бурни протести на сите еврејски организации во Бугарија и надвор од неа. Партијата СДС се огради од неговите тези и декларации, но тие продолжија да бидат штитени од делови на бугарската десница. Така, европратеникот Андреј Ковачев од партијата ГЕРБ во 2014 г. организираше специјална сесија во Европскиот парламент во чест на Марков на која тој беше претставен како „борец против комунизмот“.
За време на комунизмот, самиот Марков нема каква било општествена или политичка дејност. Во политичкиот живот тој се вклучува по 1989 г. кога учествува во обновувањето на Сојузот на бугарските национални легии. Меѓутоа, доктрината на Денко Марков најде поддршка меѓу некои јавни личности, како на пример кај главниот уредник на најголемата бугарска издавачка куќа, кој од екранот на државната телевизија на бугарскиот претседател му препорача да го кани Марков на сите национални празници и чествувања како национален херој, како што тоа го прават во Франција со заслужните борци за Франција. Нескриени симпатии кон Марков пројавија и политички партии, вклучувајќи ги и тие од власта, па во 2018 година бившиот легионер и создавач на доктрината за „легална депортација на непријателското еврејско население“ беше удостоен со официјален медал на Министерот за одбрана Красимир Каракачанов, претставник на крајно десната партија ВМРО, коалиционен партнер на ГЕРБ во владата на бившиот премиер Бојко Борисов цели 4 години.
По 2008 година, владата на ГЕРБ ги продолжи напорите на партијата на бившиот бугарски цар Симеон Саксобурготски за омаловажување на историската одговорност и негирање на секоја вина на царска Бугарија во депортацијата на 12.000 Евреи. Тоа се манифестираше не само во лични изјави на бившиот премиер Борисов и на неговите министри како Екатерина Захариева од МНР, Красимир Каракачанов од МО и други, но и во сериозни материјални ресурси за пропагирање на таа теза (нарачка на книги, написи, изложби, телевизиски емисии, преводи на пропагандни текстови на англиски и шпански и организирање турнеи во странство и др.). Постепено, со напори не само на политичките органи, туку исто така и на академски институции како БАН, на професори од Софискиот и други универзитети, беше наложена тезата за целосно и безусловно спасување на 48.000 Евреи во Бугарија со учество на сите слоеви на социјалната пирамида, почнувајќи од бугарскиот цар Борис III, преку министрите на неговата последна влада, пратениците и едвај на крајот да се стигне и до бугарскиот народ.
Освен што таа пирамида беше и досега останува целосно обратна и погрешна од основата, па до врвот, таа вклучува и целосно историски неодржливи елементи. Таа е соборена не само од еврејските организации и центрите за истражување на холокаустот Јад вашам и Музејот на холокаустот во Вашингтон, туку и од низа научни истражувачи во Бугарија, израел, Франција и други нивни публикации и книги…
Comments are closed for this post.