Косово денес не беше примено во светската полициска организација Интерпол откако и по два круга гласање не успеа да обезбеди доволен број гласови.
По ова приштинската делегација демонстративно ја напуштила салата каде се гласало, а Србија славеше уште еден дипломатски триумф.
На вториот гласање на Генералното собрание во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати, од вкупно 135 земји за членството на Косово гласале 68, „против“ биле 58, а 16 се воздржале од гласање. Бидејќи земјата не доби потребно двотретинско мнозинство тоа значи дека и не е обезбедено членство во светската полициска мрежа.
Владата на Косово објави дека „зачленувањето на полицијата на Косово во Интерпол пропадна” и изрази „големо разочарување поради тоа што на Косово не му се овозможи да биде дел од светското семејство на полициите, кои се борат против меѓународниот криминал”, јави МИА од Приштина.
За неуспехот да се зачлени во светската полициска организација, Владата во Приштина го обвини Белград, односно неговата кампања против Косово.
– Дивата кампања на Република Србија го покажа уште еднаш нејзиниот карактер против Косово и против нормализацијата на односите со Република Косово, дотолку повеќе што ова зачленување беше техничко, а не политичко прашање, се наведува во соопштението од Кабинетот на премиерот Рамуш Харадинај.
Амбасадата на САД во Приштина, по денешното гласање смета дека таквиот исход е резултат на српската кампања против Косово и притисоците што Белград подолго време ги врши врз одредени земји за да гласаат против, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на Амбасадата на САД се наведува дека Косово заслужува да биде членка на светската полициска асоцијација.
„Со овоj резултат губиме сите“, соопшти Амабсадата.
Comments are closed for this post.