Припадниците на армиската единица „командоси“ од утрово се грижат за безбедноста на странските амбасади во Тирана, јави дописничката на МИА од Тирана.

Тоа е во рамки на планот засилени безбедносни мерки на Министерството за внатрешни работи пред утрешните локални избори во земјата, а по претходен договор со Министерството за одбрана.

Албанските командоси задолжени се за безбедноста на 84 значајни објекти, на местото на околу 300 полицајци кои вообичаено ги обезбедуваат овие објекти, а кои сега се вклучени во обезбедување на изборните комисии и избирачките места.

Вкупно 7.779 полицајци минаа низ соодветна обука и ќе бидат ангажирани во обезбедување на гласачките места, центрите за броење гласови и општински изборни комисии. Ќе имаат на располагање возила, како и соодветни средства за комункација. Ним ќе им се придружат и 1.450 припадници на други полициски сектори, како и од граничната полиција, изјави Алберт Дервишај, директор на Бирото за јавна безбедност.

Во исто време околу 5.000, во кои се и припадниците на специјалната полициска единица за брза интервенција, ќе бидат под целосна готовност и ќе бидат ангажирани доколку има потреба.

Врз основа на членовите 42 и 114 од Изборниот законик, полициските службеници се задолжени да го одржуваат редот надвор и доколку треба и внатре на гласачките места, центрите за пребројување на гласовите, изборните комисии, како и транспортот на избирачкиот материјал.