Албанскиот Парламент, без присуство на опозицијата, со 75 гласови „за“ и ниту еден против или воздржан, го усвои законот за Националниот театар, со кој се предвидува распишување тендер на кој може да се јави секој заинтересиран да гради на оваа локација под услов да изгради и нов објект за Национален театар.

Албанските медиуми оценуват дека со изгласувањето на законот, кој е уникатен по својата природа, Владата го отворила патот кон уништување на театарот и изградба на повеќекатници, што е случај без преседан во Албанија.

На гласањето не присуствуваше премиерот Еди Рама, кој по кусото обраќање од собраниската говорница од каде истакна дека на постојниот објект на театарот му дошол крајот и оти тој не може да се реставрира ја напушти собраниската сала.

Националниот театар се смета за еден од најубавите и најзначајните објекти по кој е препознатлива албанската метропола.

Тој е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте, изграден 1938/39 година  по барање на албанското кралско семејство. Целиот комплекс „Национален театар“ опфаќа површина од 13 илјади квадратни метри, а на седум илјади од нив е објектот во кој освен тетатарот се и библиотеката, центарот на преведувачи, информативниот центар и слично. Нов театар ќе се гради на друга локација.

Против негово рушење е опозицијата, поголемиот дел од албанските актери и дел од граѓанскиот сектор.