Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави денеска дека „една голема сила наскоро ќе започне со официјално барање за повлекување на КФОР и УНМИК од Косово, што би било апсолутна катастрофа за нас“ и посочи дека ќе го „замоли генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг да се заложи со своето влијание во западната алијанса тоа да спречи“, јави дописникот на МИА од Белград.
– Не знам дали некој е свесен што тоа би значело, јас сум многу загрижен, истакна Вучиќ, додавајќи дека се работи за разузнавачки податоци добиени од официјални извори и дека не може да изнесе повеќе детали.
Говорејќи за претстојните меѓународни средби, тој потврди дека во Белград утре ќе пристигне словенечкиот претседател Борут Пахор.
– Треба в недела да заминам во Словенија. А тука ќе бидат Вјоса Османи, Мило Ѓукановиќ, Зоран Милановиќ, Џаферовиќ, Комшиќ. Ќе биде интересно, кажа Вучиќ, наведувајќи дека оттаму ќе замине за Брисел каде ќе има средба со Столтенберг.
Српскиот претседател на новинарите им ја пренесе и најновата прогноза на ММФ за Србија, според која растот на БДП во 2021 година ќе изнесува шест отсто.
– Исклучително сум горд на најновата прогноза, што ја добив од ММФ, дека ги сменила проекциите за Србија. Претходно, тие рекоа дека растот ќе изнесува пет проценти. ЕК исто така ја смени прогнозата и рече дека тоа ќе биде 5,3 проценти, а сега ММФ го смени на шест отсто, кажа Вучиќ
Тој додаде дека оваа година, и покрај огромните инвестиции во војската и инвестициските работи, Србија нема да има јавен долг поголем од 60,3 отсто и дека јавниот долг потоа ќе започне да се намалува.
– Растот на БДП значи дека просечната плата во Србија од 1 јануари ќе биде поголема од 600 евра, а во Белград над 770 или 780 евра и оваа година ќе завршиме со БДП поголем од 50 милијарди евра, им кажа Вучиќ на новинарите во касарната Дедиње, каде што е отворен пункт за вакцинација за припадниците на белградскиот гарнизон и членовите на нивните семејства.
Comments are closed for this post.