Лидерот на партијата ДеСУС (Демократска партија на пензионери на Словенија), Карл Ерјавец, ја повлече својата кандидатура за словенечки премиер се додека сите парламентарци не можат да работат под нормални услови, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на парламентот.

Потегот на Ерјавец следи откако неколку парламентарци се заразија со коронавирусот и не се во можност лично да гласаат за иницијативата за недоверба на владата на Јанез Јанша, јави агенцијата СТА.

Одложена е за утре најавената седница на парламентот, а откажан е и состанокот на замениците шефови на пратеничките групи, на кој требаше да се одреди времето за гласање.

Според собраниските правила, пратениците мора да бидат лично присутни во собранието за тајно да гласаат, додека петок е крајниот рок за вонредната седница на парламентот, седум дена по закажувањето.

Ерјавец кажа дека за ова прашање ќе се консултира со адвокатите и дека потоа ќе одржи состанок со членовите на коалицијата КУЛ.