На пет дена пред предвремените парламентарни избори во Грција владејачката СИРИЗА извади нешто што треба да биде „изборна бомба“ – едно писмо од нафатлин од тогашниот премиер Костас Караманлис до претседателот на САД, Џорџ Буш. Содржината на писмото е сочна и денес затоа што се однесува на името на Македонија, или како што Грците тогаш ја викаа земјата ПЈРМ, објавуваат повеќе грчки медиуми, меѓу кои и ИБНА.

Идејата да се објави токму сега писмото е со еден удар да се смачкаат две муви – едната е политичкиот габарит на Карамнлис, а втората противењето на Нова демократија на Преспанскиот договор.Клучна поента во писмото до Буш е што Карманлис ја прифаќа двојната формула како појдовна основа за конечно решение на спорот за името, а Македонија да не го менува уставот. Во 2005 година САД веќе ја имаа признаено Македонија под нејзиното уставно име.

Министерот за надворешни работи Џорџ Катругалос, рече дека со обелоденувањето на писмото се открива „хипокризијата“ на НД за критиките на Преспанскиот договор.

Лидерот на Нова демократија, Киријакос Мицотакис е должен да и се извини на јавноста“, напиша Катругалос на Твитер.

Во грчките медиуми не е објавено преку кои канали е дојдено до писмото.

Во писмото Караманлис наведува дека е подготвен на своја рака да го прекрши консензусот со останатите партии, т.н. црвени линии, да не бара уставни измени, да не го проблематизира воопшто прашањето за државјанството/националноста и да не го спомнува именувањето на македонскиот јазик.