Во Скопје некој си замислува дека Бугарија ќе направи отстапки поради братски чувства и солидарност. Тие сметаат и дека некој однадвор ќе изврши притисок врз Бугарија. Сепак, ова нема да се случи, изјави бугарскиот министер за одбрана и лидер на партијата ВМРО, Красимир Каракачанов.

Според него, незамисливо е бугарското Собрание да гласа за отстапки и едно такво отстапување од позицијата на Бугарија не би поминало во ниту еден парламентарен состав.

Ќе видиме што ќе се случи за една недела. Изборот дали ќе бидат дел од ЕУ е нивен. Нема да станат членки на Европската унија со коминтерновско удирање по маса, изјави Каракачанов за бугарската телевизија БТВ.

Тој смета дека Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Северна Македонија е „доволно добар, но само доколку се почитува“.

Една година по неговото потпишување тој веќе не се почитува, изјави Каракачанов, додавајќи дека склучувањето на Договорот било услов за прием на земјава во НАТО, а неговото почитување е услов за членство во ЕУ.

Каракачанов тврди дека нема дипломатски притисок врз Бугарија од страна Германија, а што се однесува до САД тој таму „ја објаснил генезата на балканските проблеми, повикувајќи се на американски извори“.

Пријателството е пријателство, братството е братство, но договорите и доброто однесување мора да се почитуваат. Не сакаме да одиме низ Капали чаршија и да се расправаме чиј е Гоце Делчев, изјави Каракачанов, инсистирајќи на тоа дека Бугарија и бугарскиот народ мора да го бранат националниот интерес.

Тој вели дека Бугарија „не ги принудува Скопје и Македонците да се откажат од својот национален идентитет, но треба да бидат така добри и да го создаваат според фактите дека тој е создаден со оган и меч по 1944 година“.

До 44-та година историјата е заедничка историја на еден народ. Имаме заедничка историја со Отоманската Империја, со Византија, со ерменскиот народ, но не и со Македонците, додава Каракачанов.

Едно „потклекнување“ пред Скопје сега, би значело проблеми за во иднина, кои би вклучувале и барања за изучување на „измислениот македонски јазик во Ќустендил со тек на времето“.