Шефот на Агенцијата за Бугарите во странство, Петар Харалампиев, добил обвиненија и за примање мито во шест случаи, покрај тоа за одговорност како водач на престапничка група. Висината на митото се движела од 350 евра до 5.000 лева по лице, изјави надлежниот обвинител за аферата со издавањето бугарски пасоши, Ангел Кнев.

За бугарските медиуми тој посочил дека заедно со Харалампиев има уште тројца други обвинети. Тие дејствувале како група за поткуп од јули минатата година. Преку посредници тие барале кандидати, кои сакале да дојдат до уверенија за бугарско потекло.

Митото најчесто било плќано за побрзо издавање на документите, соопшти заменикот главен обвинител Иван Гешев, потврдувајќи дека за кандидатите за уверенија за потеклото имало докази оти се со бугарски корени.

Помалубројни биле странци, кои барале фалсификувани уверенија без бугарско потекло.

Истрагата утврдила дека митото било давано директно во кабинетот на шефот на агенцијата и на главниот секретар во Софија. Во институцијата царувал хаос, а бројот на задржувани и забавувани документи за една година изнесувал над 20.000.

Иван Гешев изјавил дека истрагата немала врска со вицепремиерот Красимир Каракачанов, иако притворениот Харалампиев се смета за близок до ВМРО. Тој негираше и дека информациите за корупцијата стигнале од претседателот Руен Радев.

Обвинителот Кнев побарал притвор за тројца од обвинетите, а четвртиот е пуштен на слобода со парична гаранција.