Минува една година во која инвестиравме многу емоции во однос на Македонија и влегуваме во нова, која навестува дека ќе биде уште пожешка во тој однос. Можеби има многу можни решенија за тензиите меѓу Софија и Скопје (и меѓу луѓето од двете страни на границата), но според мене вистината е во…вистината, пишува извесен Станислав Станев за бугарски Фактор.бг во текст со наслов „Како Македонците да го признаат Гоце Делчев за Бугарин кога некој му ги предаде моштите на Скопје“.

И вистината треба да ја бараме не само од луѓето покрај Вардар, туку да се потрудиме да си ја кажеме и ние, колку и да не ни се допаѓа, пишува Станев.

Вистината е дека ние, кои бараме од Македонија да запре со манипулациите со историјата, треба да запреме да манипулираме со нашата:

 

• додека ние се навредуваме дека не го „признаваат„ Гоце Делчев за Бугарин, да се запрашаме и да си одговориме на прашањето кој му ги предаде моштите на Скопје и зошто името на тој некој во Бугрија има улици и дури град со неговото име;

• додека ние се навредуваме дека не признаваат оти се со бугарско потекло, ние да си признаеме дека во Бугарија им ги кршеа коските на луѓето, кои не сакаа да се откажат од бугарштината заради новородената нација. И не малку луѓе и денес се навредуваат од кршените коски;

• додека ние се навредуваме дека јазикот во Македонија не е самостоен, да си признаеме дека во Бугарија по 1944 година луѓето во Пиринско беа принудувани да го учат новоизлупениот јазик, а мајката на еден доскорешен бугарски премиер, која беше професор и учела илјадници бугарски студенти, жестоко ја бранеше тезата дека македонскиот јазик е самостоен;

• да признаеме дека не само во Македонија, туку и тука не пишуваме на начин на кој пишувале нашите дедовци-и таму го сменија пишувањето, и тука се смени.

Примери можат да бидат давани до утре и сите водат кон еден ист заклучок дека „за да добиеш, треба да дадеш“ (како што се велеше во еден филм). За да го добиеме тоа што го очекуваме од Македонија, прво треба да си дадеме самите себе си, на нашите деца (а и на Македонија)-да си ја признаеме вистината. А, вистината е дека Бугарија ја напушти Македонија, пишува меѓу другото Станислав Станев.