Хрватскиот и босански член на колективното Претседателство на БиХ, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ остро ја нападнаа хрватската претседателка Колинда Грабар Китаровиќ заради нејзината изјава пред израелските новинари дека е БиХ „под контрола на милитантен ислам“, јавува Индекс.хр.
Грабар Китаровиќ, која е во посета на Израел, рече дека БиХ е „многу нестабилна и дека во одреден поглед ја презеле луѓе поврзани со Иран и терористички организации“, пишува Ерусалим пост, пренесувајќи детали од затворениот состанок на хрватската претседателка и израелскиот колега, Реувен Ривлин.
„Земјата е под контрола на милитантен ислам кој е доминантен во одредување на ставовите, додава Грабар Китаровиќ, пренесува весникот не наведувајќи извори.
Комшиќ на хрватската претседателка и порача дека „таа е нестабилна, а не БиХ“, додека Џаферовиќ ја обвини дека „повторува лаги со кои се шири ксенофобија“.
„Жал ми е што претседателката на Хрватска и понатаму продолжува со пропагандни активности на штета на БиХ изнесувајќи брутални невистини“, порача Комшиќ.
Дополнително ја обвини за „злонамерен однос“ кон соседната држава и заклучи дека во позадината на ваквите изјави може да биде само намера да се наруши угледот на БиХ, затворат вратите за членство во НАТО и ЕУ, и во прашање да го доведе опстојувањето на земјата.
Босанскиот член и претседавач со ротирачкото Претседателство, Џаферовиќ многу поостар, оценувајќи дека тоа е доказ дека Хрватска води „фашистичка политика“ кон БиХ.
„На сите во Европа и светот им е јасно дека се работи за лаги кои ги фабрикува агресивна и ксенофобна политика на официјален Загреб кон БиХ и Бошњаците која ги има сите елементи на фашизам“, изјави Џаферовиќ.
Во изјава за новинарите по средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Граба Ктаровиќ во понеделникот изјави дека двете држави мора „вниманието на Европа и САД да го насочат кон состојбата во нашиот регион“.
„Можеме да направиме многу добрина, но и да потонеме во хаос. И затоа мора да надгледуваме се што се случува околу нас, што се однесува до Хрватска, да помогнеме на соседните земји, БиХ и Македонија, да дојдат под крилата на Европската Унија“, истакна хрватската претседателка.
Нетанјаху предупреди од опасноста на радикалниот ислам кој „сака човештвото да го врати во најтемните времиња“ и додаде дека Израел е во првите борбени редови.
Comments are closed for this post.