Неколку десетици демонстранти, кои се противат на изградбата на Макишко поле, бидејќи сметаат дека ќе го загрози водоснабдувањето на Белград, успеаја да влезат во ходникот на Сава Центар, каде што се одвива седницата на градскиот парламент на која се разгледува планот, јави Бета.

Претставници на српската опозицијата и здруженија на граѓани се собраа утрово и се обидоа да влезат во Центарот Сава за да го спречат одржувањето на седницата на Градското собрание на Белград. Тие бараат да биде повлечен од дневен ред планот за детално регулирање на Макишко поле, со што, како што тврдат, се загрозува водоснабдувањето на граѓаните.

Меѓу собраните се и претставници на одборничките групи на Партијата за слобода и правда и Народната странка, градската организација „Двери Београда“, здружението Битка за Кошутњак, иницијативата Да не го давиме Белград и други.

Откако се повлекоа малиот број припадници на Полициската бригада, демонстрантите успеаја да ја минат првата врата од Центарот Сава, по што беа запрени од обезбедувањето и Комуналната милиција пред вториот влез.

Тие во моментов скандираат против намерата на градските власти да изградат населба на Макишко поле и бараат да се прекине седницата на белградското собрание бидејќи сметаат дека е нелегитимна. Тие, исто така, бараат од министерката за заштита на животната средина да дојде на седницата и да се изјасни за планот.

Инцидентот се случи за време на обраќањето на претставници на опозицијата и здруженијата на граѓани, кои тврдат дека седницата на Градското собрание е нелегитимна и дека јавната расправа што неодамна се одржа за планот за Макишко поле не била воопшто јавна, бидејќи граѓаните не можеле да присуствуваат на неа.