Хрватската влада планира да ја зголеми старосната граница за пензионирање на 67 години. Овој план би требало да почне да се применува од 2031 година. На ваквите најави, хрватските синдикати најавија големи протести против таквата одлука.

Возраста за пензионирање сега е 65 години за мажи и 62 за жени, но според новиот предлог на Министерството за труд и пензиски систем, мажите и жените од 2031 година ќе се пензионираат на 67 години. Министерството исто така предложи јавна дебата за предлогот која ќе се спроведе во наредните три недели.

Исто така се предлага пензијата да се намалува за четири проценти за секоја година предвремено пензионирање.

Министерот за труд и пензиски систем, Марко Павиќ, изјави дека целта на предлогот е во иднина да има поодржлив пензиски систем и повисоки пензии.