Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај вели дека има верба во САД и дека таа верба нема да избледи дури и доколку не добие или му биде одбиена американската виза.
Според косовските и српските медиуми, на косовскиот премиер не му е дадена американсака виза, заради неговото одбивање да ја укине таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, така што не ќе може да присуствува на молитвениот појадок во Вашингтон.
Харадинај на средба со 120 студенти од Виена и Венеција нагласи дека САД го помагаат Косово од 1999 година и затоа неговиот став за таа држава нема да се смени.
Мојата верба во САД нема да се смени, ниту со виза, ниту без неа. Тие ни помогнаа во 1999 година. Тоа е одлука на една држава и таа нема да смени ништо во мојот однос кон неа, изјави косовскиот премиер.
На средбата со австриските и италијанските студенти, кои престојуваат во Косово во рамки на програмата „Европски мастер во областа на човековите права и демократизацијата“, Харадинај изјави дека косовските студенти се разликуваат од европските единствено по тоа што им е ограничена слободата на движење поради одбивањето на Европската унија да ги укине визите за Косово.
Косово има атрактивна понуда за Европа, како земја со големи човечки и економски ресурси, кои ЕУ треба да ги прифати како вредност и партнерство, изјави Харадинај.
Comments are closed for this post.