„Косово е демократско општество во кое слободата на говор и на протест се гарантирани права” порача премиерот Рамуш Харадинај како одговор на најавениот протест на опозициското Движење Самоопределување.
На протестот денеска ќе се бара оставка на главниот обвинител на Косово Александар Љумези, затоа што, според партијата на Албин Курти, тој нема преземено ништо против криминалот и корумпираните власти.
Според Харадинај, протестот против корупцијата со барање оставки на носителите на високи државни позиции, претставува граѓанско и политичко право, но е неприфатлив „притисокот од улицата” врз правните институции.
„Косово е демократско општество во кое слободата на говор и на протест се гарантирани права. Протестот против корупцијата со барање за оставки на носителите на високите позиции во системот на правдата, како издвоена власт, е граѓанско и политичко право. Меѓутоа, притисокот од улицата врз правдата е преседан кој не придонесува во нејзиното спроведување“, порача Харадинај преку неговиот Фејсбук.
Косовскиот премиер ја повика косовската опозиција да ги искористи институционалните патишта за постигнување на своите цели.
„Движењето Самоопределување, како почитуван парламентарен субјект, го повикувам да ги исцрпи сите политички патишта, да ја искористи собраниската интерпелација, политичките трибини и дебатите со експертите за правниот систем, напиша Харадинај.
Comments are closed for this post.