Премиерот Рамуш Харадинај денеска изјави дека косовскиот претседател Хашим Тачи му причинил голема штета на Косово со ставот оти демаркацијата треба да биде дел од дијалогот со Белград и повтори дека е подготвен да размисли за суспендирање на таксите под досегашните услови.

– Со своите идеи за поделба и корекција на границите, претседателот причини штета на напредокот на државата и затоа дојдовме до ситуацијата во која сме денес, рече Харадинај, кој присуствуваше на комеморацијата на академик Издрз Ајети.

Харадинај тоа им го изјави на новинарите, кои побараа коментар за изјавата на Тачи дека на негов наговор Харадинај ја отфрлил идејата за организирање на меѓународна конференција за Косово.

Тачи тоа го рече денеска во Тирана на средба со албанската дијаспора.

Тој прецизира дека меѓународната конференција за Косово, за која се залагаше Харадинај, ќе ја воведеше Русија во дијалогот, што, според него, е неприфатливо.

Харадинај, исто така, рече дека би можел да ја разгледа суспензијата од 100 отсто воведена такса на стоки од Србија и БиХ, ако Белград и Приштина се согласат конечниот договор за нормализација на односите да гарантира непроменливост на границите и Заедницата на српски општини да нема извршни овластувања.

– Сакаме да ги укинеме таксите, но тоа не може да се направи во процес, кој не е сосема јасен. Би било бесмислено, рече Харадинај.

Тој смета дека за Приштина е подобро да биде упорна, дури и по цена на последици отколку да заврши со договор кој, како што рече, би бил неправеден за Косово