Oд 1 октомври грчките граѓани ќе можат без ограничувања да подигнуваат готовина од банкоматите. Со оваа одлука на Министерството за финансии на Грција, по повеќе од три години се укинува ограничувањето за подигнување готовина, воведено со мерките за контрола на капиталот.

Одлуката од грчкото Министерство ќе биде објавена во Службен весник, а се однесува на измени на ограничувањата во два конкретни случаи: секаков вид подигнувања готовина без ограничување и движење на капитал во внатрешноста на земјата, додека пак во следниот период се очекува комплетно да бидат укинати ограничувањата за пренесување капитал во странство.

Ограничувањата за подигање готовина беа воведени на 29 јуни 2015, кога дневниот дозволен износ за Грците беше 60 евра. Со текот на времето, како што се подобруваше финанската состојба на земјата, се воведуваа олеснувања, а сега граѓаните нема да имаат никакви ограничувања за подигнување готовина од банкоматите.